Посакувам да имаме поранешни претседатели и премиери кои ќе бидат активни чинители во општеството, кажа премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, алудирајќи дека неговиот претходник во партијата и поранешен шеф на државата, Бранко Црвенковски, е инертен на таа позиција. Коментарот дојде во интервјуто на Заев во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, кога беше прашан како ја доживеал критиката на Бранко Црвенковски на интервјуто кое Заев го даде за бугарски БГНЕС.
Заев, на почетокот на одговорот, кажа дека коментарот на Црвенковски го доживеал како демократско право. Но, набрзо потоа возврати. Така, за ставот на Црвенковски дека го замрзнува своето членство во СДСМ се додека не се свика Централен одбор кој ќе ги отфрли ставовите на премиерот, Заев со доза иронија кажа дека „замрзнато е тоа одамна“ и дека секој може да го свика Централниот одбор.
Во продолжение е делот од разговорот меѓу домаќинот на интервјуто, Гоце Михајлоски, и премиерот Зоран Заев.
– Бранко Црвенковски. И тој беше еден од тие што не Ве сфати добро во тоа интервју на БГНЕС. Дали сте разговарале со него?
Не сум разговарал. Реагираше мојата партија со соопштение кое нормално го видов, го искоординирав и го пуштивме.
– Дали го доживеавте како нож во грб?
Не. Како право демократско го доживеав. Еден дел ми беше специфичен. Бившиот премиер и бившиот претседател на државата се обрати кон социјалдемократите. Он треба да се обрати кон граѓаните и да ги каже своите ставови.
– Даде завет на молк…
Не, не. Ок е тоа. Во интервјуто вели дека замрзнува нешто. Мислам, замрзнато е тоа одамна, не е сега замрзнато. Јас очекувам да имам претседатели живи и здрави овде во државата коишто ќе бидат како еден Стипе Месиќ, коишто ќе бидат како, не знам, Јосиповиќ, коишто ќе бидат активни чинители, ќе бидат коректив, ќе градат свои ставови, ќе кажуваат свои ставови. Јас го доживеав тоа како демократско право. Но, апсолутно, нормално потврдив, дека секој може да свика Централен одбор. Централниот одбор, кај нас, овие прашања ги има претресувано неколку пати.