Рама на прес-конференција изјави дека ЕУ донела несреќна одлука да достави таканаречени „вишок вакцини“ за Западен Балкан
Албанскиот премиер Еди Рама ја критикуваше ЕУ во однос на дистрибуцијата на вакцини против коронавирусот велејќи дека Унијата ги оставила земјите од Западен Балкан да чекаат резерви на вакцини сѐ додека земјите членки не обезбедат доволно за своите граѓани.
Тој на прес-конференција изјави дека ЕУ донела несреќна одлука да достави таканаречени „вишок вакцини“ за Западен Балкан.
„За жал, вакцината е повеќе од каква било дипломатија, лични односи, пријателства, контакти. Голема војна се одвива во заднина на набавките“,
рече Рама, пренесе МИА.
Попладнево шефот на албанската влада, придружуван од министерката за здравство Огерта Манастирлиу, при посетата на Инфективната клиника по повод Божик, сепак најави дека владата е при крај на склучување договор со некои компании за вакцината и дека здравствените работници ќе бидат први што ќе се вакцинираат.
По здравствените работници, имунизацијата ќе продолжи со приоритетните групи, просветните работници и полициските службеници.
Вакцинацијата во земјите од ЕУ, како што беше најавено, ќе започне на 27 декември.
Како и Албанија, и нашата земја очекува да добие дел од вакцините преку ЕУ, а досега Бугарија, Грција и Полска изразија подготвеност да одделат дел од контингентите што тие ќе ги добијат.
Останатите вакцини ќе се набавуваат преку системот Ковакс- и преку директни договори со производителите.
Утре се очекува во Грција да пристигне првата пратка од 9 750 дози на вакцината против ковид-19, со што веќе в недела и официјално ќе започне вакцинацијата во земјата, односно т.н. „Операција слобода“.
