Во аудиовизуелниот медиумски простор, односно во телевизиите и радијата во земјава во 2019 година биле вработени 2 601 лице. Повеќето се мажи, а помалку се жени, но главно мажите се ангажирани како режисери, сниматели и монтажери, а најголем број од жените како новинарки, покажува анализата изработена од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Од вкупниот број вработени, 814 лица биле ангажирани во Македонската радио-телевизија, а 1 382 лица во комерцијалните телевизии и 405 лица во радиостаниците.
Споредено со претходната година, во јавниот сервис биле вработени 43 лица помалку, а во комерцијалните телевизии 114 лица помалку. Во комерцијалните радиостаници имало вработено осум лица повеќе.
„Намалувањето на бројот на вработени во комерцијалните телевизии најмногу се должи што во оваа анализа не е опфатен бројот на вработени во 1 ТВ бидејќи дозволата на оваа телевизија беше одземена во ноември 2019 година, па затоа немавме можност да се обезбедат податоци за неа“,
истакна Катерина Доневска од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги на денешниот последен јавен состанок за оваа година.
Во редовен работен однос од вкупниот број вработени во аудиовизуелните медиуми биле 77 отсто, а 23 проценти се хонорарци. Со завршено високо образование се 49 проценти и исто толку се со средно образование. Само два процента од вработените биле со друго образование.
Во однос на етничката припадност, најголем број или 73 проценти се Македонци, 21 процент Албанци, по два отсто се Турци и Срби и по еден отсто се Роми и Бошњаци. Тринаесет лица се Власи, а осум од други националности.
