Рестартирањето на „Мој термин“ само делумно воведе ред во здравството. Повеќе од половината специјалистички прегледи направени во државата од почетокот на септември се итни случаи или со приоритетен упат
Дека времето на чекање може скапо да чини, сведочат и пациенти во Србија. Државата вели се е во ред а граѓани подготвуваат тужби
„360 степени“ и „Јужне вести“ истражуваа дали системот и во Македонија и во Србија успева да најде баланс меѓу лекување на болни од ковид-19 и другите пациенти
Утрата веќе се студени, но пред амбулантите на скопските клиники секојдневно има редици од десетици луѓе кои чекаат „вооружени“ со заштитни маски и мантили, капи, шалови и ракавици. Тие луѓе не се болните од ковид-19, туку оние останатите, со други болести. Мрзнат и од студ и од страв да не се заразат со коронавирус, за дојдат до неопходниот лекарски преглед.
„Треба да имате среќа за да дојдете до преглед преку ‘Мој термин’. Ако не, тешко. Се чека по месец-два, зависи каква услуга ви треба“,
вели Акив Сејфула, додека чека ред пред амбулантата на градската општа болница „8 Септември“.
Не е тајна дека пандемијата сериозно го отежна пристапот до редовните прегледи и интервенции. Иако системот за електронско закажување на прегледи, „Мој термин“, формално работи, во пракса термините се трошат брзо и не се доволни за сите.
Па, пред амбулантите чекаат и оние кои бараат преглед на „алтернативен“ начин.
„Со пријатели, инаку нема шанса да влезеш внатре. Државата не’ остави на цедило, сами да се снаоѓаме. Нема доктори, нема место, се’ е полно. Го чекам докторот, пријател е на моја пријателка, па ако има време да ме види“,
вели Ѕвезда од Скопје која два часа чека ред пред амбулантата во „8 Септември“.
Основната причина, пак, поради која ковид-19 го отежна правото на здравствена заштита за редовните пациенти е недостатокот на кадар и простор. За да се лечат болните од коронавирусот, дел од болниците беа пренаменети, а персоналот прераспределен.
„Доаѓам овде, зашто на Клиника за уво, нос и грло нема шанса да се најде слободен термин, бидејќи стана ковид-центар. А овде па, овде и ѕидовите можеби се заразени. Ама што да се прави, додека не заврши ковидот вака ќе биде“,
вели друг пациент кој чека пред „8 Септември“.
„Не може веќе да бираш кој доктор сакаш да те лекува, тој што ќе го најдеш дежурен во амбуланта тој ќе те прегледа. Мене ми дадоа лекови и ми рекоа да дојдам на контрола после десет дена. Но, еве, денеска не е тука докторот. Дали е и тој болен од вирусот, не знам. Ќе се вратиме утре, ќе го бараме пак“,
вели еден од пациентите, на излегување од болницата.
И клиниките во најголемата болница во земјата, Клинички центар во Скопје, се поделени на црвени и зелени зони.
Црвената зона е за лекување на ковид-19 пациенти а зелената за сите други. Најголемиот дел од тие што чекаат пред зелената зона се пациенти со упат без термин, познат како приоритетен упат или упат за итен случај. Но, и тоа не значи дека брзо ќе добијат услуга.
„Доаѓам деветти пат. Имам многу болести, опериран сум шест пати. Тука чекам за снимање на абдомен, имам приоритетен упат, ама пак не можам да завршам работа. Ме праќаат ваму-таму, каде и да одиш секаде се чека, а јас сум болен“,
вели Трајан Ивановски,додека чека ред пред Клиниката за радиологија во Скопје.
„За коронарографија примаат по пет пациенти дневно и затоа се чека. Мене ми закажаа во февруари, но добро е и што два месеца ќе треба да чекам, зашто можеше и подолго“,
скромен е Благоја Рајчевски, кој чека преглед на Клиниката за кардиологија.
Матичните лекари вежбаат „брзи прсти“
Дека тешко се доаѓа до термин за преглед потврдуваат и матичните лекари. Бидејќи нема електронски систем кој ќе ги извести каде и за која услуга се ослободило место, мора постојано да проверуваат на страницата на „Мој термин“ и да „ловат“ слободни термини за своите пациенти.
Според д-р Владимир Јовановски од Скопје, најтешко се наоѓа термин на кардиологија, урологија, ортопедија, очно…
„На овие места е скоро невозможно да најдете термин. На кардиологија можеби една година не сме закажале. Тешко е закажувањето и на интернист, бидејќи се ангажирани во ковид-центрите. Ако нема термин, даваме приоритетен упат. На кардиологија на пример не примаат ниту со приоритетен упат и пациентите одат во ургентниот центар, па од таму ги препраќаат. А на урологија ги праќаме со упат без термин или приоритетен упат. А тоа не може да се планира, ако се дадат многу упати ќе се блокираат клиниките“,
вели Јовановски.
Итните случаи, додава Јовановски, добиваат услуга, но, отежната е дијагностиката.
„Она што е неопходно, не е оставено на цедило. Не може инфаркт или акутен абдомен да бил оставен без лекарска грижа, не може да се даде оценка дека состојбата е животнозагрозувачка, а да се оставени пациентите. Но, дијагностиката е одоговлечена, не би рекол неефикасност на системот, туку тромост“,
вели Јовановски.
Уште потешко до термин се доаѓа во внатрешноста. Па многу пациенти се шетаат по други градови, вели претседателката на Здружението на матични лекари, Лилија Чолакова-Дервишова.
„На пример, во Крива Паланка има само двајца интернисти и еден хирург од специјалистички гранки. Луѓето треба да одат во други градови, а нема термини. Ако треба да пратиме пациенти со влошена состојба најчесто користиме приоритетни или итни упати“,
вели Чолакова-Дервишова.
Упат со приоритет или упат со врски?
Според изјавите на докторите и на пациентите, очигледно е дека во недостаток на редовни термини, има голема продукција на приоритетни и итни упати. Но, колку точно? Прашањата ги упативме до службата „Мој термин“.
Според нивните статистики, од 18 март до 31 август во државните болници се направени 1 381 362 специјалистички прегледи. Тоа е период во кој само делумно работеше системот за закажување прегледи „Мој термин“. Речиси половината од прегледите во тој временски период, или 625 045, биле прегледи со приоритетен упат, односно упат без термин. Потоа следат итните прегледи, а на дното се бројот на закажани прегледи по „Мој термин“.
Од 1 септември до 9 декември, кога „Мој термин“ повторно беше вклучен со цел капацитет, направени се 905 596 прегледи. Структурата на прегледи е драматично сменета, па најголем дел од прегледите, 389 964, се направени по „Мој термин“. Но и во овој период, повеќето прегледи се без термин, односно 382 269 се итни прегледи, а уште 133 363 се прегледи со приоритетните упати.
Сепак, и овие податоци мора да се земат со резерва бидејќи кога во ноември „360 степени“ ги побара истите податоци, ни беше презентирано дека од почетокот на септември до почетокот на ноември се направени вкупно 2 370 007 прегледи.
„Во однос на делот на одговорот…е направен ненамерен пропуст и наместо 09.01.2020 година е ставено 01.09.2020 година. Имено, бројката 2 370 007 се однесува на користење на здравствени услуги на секундарно и терциерно ниво од месец јануари до почеток на месец ноември“,
објаснуваат од Министерството за здравство.
Во секој случај, факт е дека и сега, а особено во првата половина од годината, повеќето направени прегледи не биле со термин.
Според дел од лекарите, тоа прави дополнителен метеж бидејќи не секогаш пациентите со таков упат навистина имаат потреба да бидат прегледани со приоритет.
Пулмологот д-р Дејан Докиќ кој е координатор на ковид-центрите во интерните клиники, вели дека имало случаи на злоупотреби на овие упати, а тоа ги преоптоварува здравствените институции.
„Сепак не ги оставаме на улица, ги прегледуваме, зашто не знаете дали е приоритетен или итен без да го прегледате. Матичните лекари кои закажуваат треба први да направат селекција. Претходно некој мора да го види пациентот, да процени дали е за кај нас на Клиника или за на друго место, па да издаде таков упат. Не може човек да дојде од улица да каже ме боли малку грлото и да дојде со приоритетен упат, значи не е во ред. Залудно се преоптоваруваме“,
вели Докиќ.
Па и покрај метежот, Докиќ уверува дека нема пациенти кои имале итна потреба од лекарска грижа, а биле оставени без помош.
„Има доволно капацитет секој што има неодложна потреба од лекарска грижа да ја добие. Ние продолживме да работиме со „Мој термин“ во сите клиники за редовните пациенти. Се разбира малку е намален бројот за разлика од лани, затоа што прво, пациентите или се болни од ковид или се плашат да не добијат ковид, има една група која навистина има мака, но има и група на лесни пациенти коишто немале потреба да бидат прегледани тука, можеле да го решат тоа кај матичен лекар. Но, никому не му е скратена можноста да биде прегледан, ние вложуваме натчовечки напори и никој тоа не го цени… Народот мора да знае со што се соочуваме. Да не ни ја отежнува работата, не водејќи сметка за своето здравје и на другите, групирајќи се за прослави и со непочитување на мерките“,
вели Докиќ.
Одложените прегледи и операции си го земаат данокот
Но, кога еден човек ќе дојде до состојба да има потреба од итна интервенција, често е доцна, смета невладиниот сектор, но и дел од лекарската фела.
Биба Додева од Здружението за борба против рак „Борка“, вели дека нивната и други партнерски организации се на став дека здравствениот систем не успева да ја пружа соодветната нега за сите пациенти.
„Дефицит на медицинскиот кадар постои и свесни сме дека во овие тешки услови најголемиот товар го имаат токму тие. Што се однесува до малигните болести во овој период не можеме да зборуваме за превенција и рана дијагностика и со ова се соочуваат и подобро организираните здравствени системи, а не само Македонија. Она кое што ме плаши е дека поради сите овие проблеми ќе биде сериозна зголемена инцидента на новозаболени од рак и поради доцнењето на системско решавање на проблемите со позитивната листа новите лекови за кои се чека тендер ќе се одразат негативно на статистиката. Времето на чекање особено кај пациентите со малигни заболувања е многу скапо и многу фамилии ќе го платат цехот на целата оваа состојба со загуба на блиските“,
вели Додева.
Дека одложените прегледи и операции ќе донесат „епидемија“ од малигни заболувања, предупредуваат и дел од лекарите.
„Ние веќе имаме такви пациенти, може да се каже едно 10 -15 пациенти кои се веќе влезени во трет стадиум од болеста и каде не можеме да им помогнеме, туку само да им дадеме некаква помош за тие месеци живот што им останале. Замислете за шест месеци колку луѓе не се пријавија за преглед или уште немаат симптоми. Таа рана детекција не се прави кога пациентот има тегоби, повраќања, црна столица, крв, тогаш веќе е касно. Тоа ќе ја чини и државата, повеќе операција, лекување на онкологија, значи тешка состојба“,
вели д-р Јусуф Вејсели, началник на гастроентерохепатолошкиот оддел во ГОБ „8 Септември“.
И на север, ништо ново
Не треба да се гледа подалеку од соседството за да се види дека со истите проблеми живеат и граѓаните на други земји. Во Србија, надлежните тврдат дека сите кои имаат итна потреба добиваат услуга, но граѓани пишуваат тужби против државата.
Осумдесетгодишната Милица Станисавлевиќ од Ниш најавува правна битка за нејзиниот сопруг. Вели дека иако имал упат, не бил хоспитализиран бидејќи немало место во болниците во Ниш за пациенти кои немаат ковид-19, а неколку дена подоцна починал.
„Јас пари немам, тие се во приватните клиники каде се лекуваше мојот сопруг. А, сега ми преостанува само да ја тужам државата, затоа што не обезбеди ниту една болница во Ниш за прием и лекување на останатите пациенти, освен оние со ковид-19. Дали се тие поважни од останатите?“,
вели таа за „Јужне вести“
Станисавлевиќ не знае дали тој би се изборил за живот ако бил хоспитализиран, но сака јавноста да слушне дека не добил шанса за лекување. Ако го добие спорот, парите од тужбата вели, ќе ги донира за децата болни од рак.
Колку чини ненавремената интервенција, за „Јужне вести“ сведочи и Лидија Пешиќ од Ниш, чија 35-годишна сестра чекала три месеци за операција на рак на матка. Успеала да се оперира откако за тоа алармирале и „Јужне вести“, но болеста во меѓувреме, се проширила.
„Таа чекаше три месеци, откако во јуни и беше дијагностициран карцином на матка во втор стадиум. Оперирана е дури во септември и тоа немаше да се случи ако вие како медиум за тоа не пишувавте и ако не се пожалев кај градоначалничката. Но, беше касно, метастазираше и заврши на хемотерапија. Досега беше на три хемотерапии, сега оди на терапија со зрачење. Дополнително и се јавија компликации со тромбови“,
вели Пешиќ, револтирана што системот не и ја пружал помошта што и била потребна на нејзината сестра.
Дека операција од овој тип не смеело да се остави да чека толку долго, смета и директорот на Клиничкиот центар во Ниш, Зоран Перишиќ. Бидејќи во тоа време не бил на функција, не кажува дали причина за одложување на итни операции бил дефицитот на кадар, но вели се работело со намален интензитет, бидејќи дел од анестезиолозите и лекарите биле ангажирани во борбата со ковид-19.
За разлика од почетокот на пандемијата, тврди дека сега е направен поголем простор во болниците за лекување на пациенти со болести неповрзани со ковид-19.
„Итните пациенти се целосно заштитени. Притоа, мора да бидеме свесни дека во овој период мораше да ги стопираме одредени процедури кои можат да чекаат. Пред некој ден, еден пациент кој има кила на пример, ме праша кога ќе биде опериран – кога ќе има услови да се вратиме во полн капацитет. Тогаш ќе започнам една голема акција, давам збор однапред, дека персоналот на Клиничкиот центар ќе работи и наутро и попладне за да ги расчисти листите на чекање на сите клиники“,
вели Перишиќ.
Перишиќ тврди дека нема одложување ниту на контролните прегледи ниту на лекувањето на тешките болести и не верува дека нечие здравје е загрозено додека се чека место за преглед или операција.
Како и во Македонија, и болниците во Србија на почетокот на пандемијата примаа само итни случаи.
Според директорот на Клиниката за кардиохирургија бројот на операции на почетокот бил драстично опаднат, но вели од мај до денес не е откажана ниту една итна операција. Сепак, намалениот обем на работа ја зголемува листата и времето на чекање.
„Кога започна сето ова, на нашата листа на чекање имаше 40, 50 пациенти што е приближно чекање околу 1 месец. Сега таа бројка скокна на околу 130-140 пациенти, што значи се чека и до 6 месеци. Се уште не е страшно, но ако продолжи оваа состојба, времето на чекање ќе биде подолго од 6 месеци и тоа не е прифатливо од медицинска гледна точка. Во светот има правило дека периодот на чекање за тешките каридиохируршки операции да не бидат подолги од 6 месеци, а најидеално е да не бидат подолги од три месеци. Кај нас се чекаше околу еден месец пред ковид-19, а сега времето на чекање се приближува и до 6 месеци“,
вели Милиќ.
Во Србија, сепак, не можат да се добијат и детални податоци за бројот на направени и одложени прегледи. Но, несомнено, последиците од ковид-19 по животот и здравјето на пациентите кои не заболеле од ковид-19 допрва ќе се почувствуваат.
Во Македонија, здравствените власти веќе најавија дека ако бројот на болни од коронавирусот повторно почне да расте, не се исклучува можноста целиот систем да се фокусира само на лекување на болни од ковид-19. А тоа ќе значи дека лекувањето на сите други болести ќе остане на „стенд бај“.
Сторијата е изработена како соработка на „360 степени“ и „Јужне вести“
Автори: Ирена Каревска и Јована Адамовиќ