Државата навистина помогна во тоа што можеше, се задржа структурата на бизнисот и тоа е факт, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во интервју за МИА
Како држава не можеме да речеме дека ги презедовме најдобрите можни мерки во однос на кризата, но не потфрливме. Ако резимираме, и државата и приватниот сектор и сите други институции не беа на највисоко ниво, но држеа солидна кондиција за да може да се преброди ковид-пандемијата барем засега. Државата навистина помогна во тоа што можеше, се задржа структурата на бизнисот и тоа е факт, вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески, во интервју за МИА.
Според него, кризата што ја предизвика ковид ќе има последици уште најмалку 10 години. Критичен ќе биде моментот, оценува, кога ќе почне да престанува државната помош. Тогаш, според него, ќе треба да се поддржат успешните компании, а такви се околу 300-500, кои се способни да влечат напред. За нив ќе треба да се креира посебен фонд, но под посебни услови – користење нови технологии и иновативни инвестициски решенија.

Азески, исто така, го посочува фактот што државата нема спроведено попис веќе 20 години, што не смее да и се случи на сериозна држава.
„Пописот ни треба, не само за да се преброиме по националност или семејства туку заради економските импликатори. Не може да се направи никаква економска прогноза ако се немаат базичните, основни бројки. Треба да видиме зашто беше прекинат претходниот попис, да не се повтори тоа искуство. На меѓунационален план, кај нас сѐ е можно. Не сакаме ситуација на какво било пролонгирање на пописот. Попишувањето мора да се спроведе, и тоа треба да биде приоритет. Срамно е кога ќе одиме во Брисел да кажеме дека 20 години немаме попис“,
подвлекува Азески.
