Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, Христијан Мицкоски и Зоран Заев, денеска во изјави за медиумите ги кажаа своите очекувања од новите технички министри од опозиција, Наќе Чулев како министер за внатрешни работи и Рашела Мизрахи како министерка за труд и социјална политика.
Мицкоски рече дека очекува жилава, тврдокорна и напорна работа, да ги штитат законите и уставот, и во рамки на нивните можности и овластувања, да направат нешто за граѓаните во следните сто дена.
Тој на денешната прес-конференција во партиското седиште рече дека имаат сериозни индиции за злоупотреба и прекршување на законите и овластувањата во последните денови од мандатот на Зоран Заев и дека сето тоа ќе биде презентирано и изнесено пред јавноста.
„Очекувам работа исклучиво според законите. Да ги заштитуваат законите, да го заштитуваат Уставот на Македонија. Се разбира, во рамки на нивните можности и овластувања во овие сто дена да направат нешто за граѓаните. Жилава, тврдокорна и напорна работа во овие сто дена, а потоа по победата на 12 април и новата влада на ВМРО-ДПМНЕ очекуваме силно да нагазиме и Македонија да ја направиме држава со која сите ќе се гордееме, а не да се срамиме“, истакна Мицкоски.
Лидерот на СДСМ и веќе поранешен премиер, Зоран Заев, пак, изјави дека верува дека министрите кои се предложени од опозицијата во техничката Влада професионално ќе ја извршуваат својата работа
„Слободата и демократијата се вгнездени во нашата земја и верувам дека под окото на граѓаните на кои им служиме и за кои постоиме, сериозно и посветено ќе ја извршуваат својата функција сите министри“, изјави Заев денеска во Струмица, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој истакна дека најважна задача е сите заедно да ги земат своите права, но пред сè и одговорноста за реализирање на слободни, фер и демократски избори, како што и прилега на земја која е во исчекување конечно да добие датум за преговори со ЕУ и е идна членка на НАТО.
„Верувам дека новите министри кои се на предлог на опозицијата ќе ја вршат совесно и солидно својата работа, заради тоа што рековме дека секој месец, секоја недела, секој ден се важни и зашто овој просперитет и прогрес да не го искористиме за да го унапредиме растежот да биде уште поголем“, додаде Заев.