Ниту еден денар од градската каса не е влезен во моето адвокатско друштво, одговори скопскиот градоначалник Петре Шилегов на обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека како градоначалник Шилегов користел услуги од неговото адвокатстко друштво и плаќал со пари од буџетот на Градот.
„Градоначалникот Шилегов склучил договор и го плаќал адвокатското друштво Шилегов. На Петре Шилегов малку му е платата како градоначалник на Скопје, особено што не работи ништо, па мора и хонорар да зема од градската каса! Со години, Петре адвокатот го советувал градоначалникот Шилегов за правни работи. И за тоа си исплаќа по 50.000 денари месечно. Или во просек, Шилегов си потпишува консултантски услуги сам на себе, за што скопјани му плаќаат околу 10.000 евра годишно. И тоа Шилегов го прави со години. Ова е класичен криминал, класичен судир на интереси, класична корупција и злоупотреба на позиција на функција. Без трошка срам, а и спротивно на законот за спречување на корупцијата, Шилегов како градоначалник користи услуги од неговата фирма, адвокатско друштво „Шилегов и партнери“, со што ја празни градската каса“,
порача портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Шилегов на вонредна прес-конференција излезе со демант за изјавите на Стоилковски и рече дека тоа се лаги и манипулации преку кои опозициската партија ја покажува својата безидејност.
Рече дека Град Скопје и тој како градоначалник немаат склучено никаков договор и дека ниту еден денар од градската каса не е влезен во неговото адвокатско друштво.
„Вистината кога е ДПМНЕ во прашање е секогаш на обратна страна. Јас земам сопствени пари од моето адвокатско друштво. Уште како пратеник во Собранието имам склучено договор за консултантски услуги со сопственото адвокатско друштво кое ме плаќа мене. Еве го договорот во 2015 и месечниот приход кој е уредно пријавен во анкетниот лист и предаден во Антикорупцсика комисија кога станав градоначалник. За тие средства од 50.000 денари уредно плаќам данок. Ги повикувам, да се радуваат на развојот на нашиот град, на она што градот изминативе три години чекор по чекор го постигна“,
изјави Шилегов.