Од Владата уверуваат дека детонациите нема да предизвикуваат загадување во пошироката околина на полигонот „Криволак“
Уништувањето на 12 300 гранати од Првата светска војна кои беа откриени во Битола ќе биде во повеќе фази и ќе трае до февруари. Од Владата информираат дека денеска на воениот полигон „Криволак“ се спроведува втората акција за уништување не неексплодираните артилериски гранати.
Акцијата ја спроведуваат пиротехничарите на Дирекцијата за заштита и спасување заедно со пиротехничарите на Министерство за внатрешни работи и на Армијата на Република Северна Македонија.
Од Владата велат дека детонациите нема да предизвикуваат загадување во пошироката околина на полигонот „Криволак“, а тоа го покажала анализата од лабораторијата АМБИКОН при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути истакна дека работата на пиротехничарите е ценета и потсети дека со одлука на Владата ќе бидат наградени со еднократна награда од 500 евра.
„Владата донесе одлука за еднократна парична награда во висина од 30 000 денари, награда за седумте пиротехничари од Дирекцијата како резултат на нивниот посебен ангажман за пронаоѓање, отстранување и уништување на гранати кои беа пронајдени на 27 октомври во близина на Градскиот стадион во Битола. Акцијата на собирање, складирање и транспорт на истите до полигонот ‘Криволак’, ја направивме со нашите човечки и материјални ресурси. Кога велам нашите, мислам и на ресурсите на Министерството за одбрана, на Армијата и на Министерството за внатрешни работи, без кои оваа операција ќе беше невозможна. Обединување на сродните служби и ресурси во перспектива ќе придонесе кон градење сеопфатен систем за заштита и безбедност на граѓаните, материјалните добра и природата“,
изјави Максути.
Огромната количина на гранати беше пронајдена на 27 октомври годинава, за што Дирекцијата врз основа на укажаната потреба достави барање до Министерството за одбрана и за вклучување на пиротехничари на Армијата поради обемноста на активностите за транспорт и уништување на гранатите, а се информирани и меѓународните претставници од ОБСЕ, НАТО и ЕУ во земјава.