Според последните податоци од МЗ, во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 105 болни, а на Клиниката за инфективни болести 144 пациенти
Хоспитализрани се 43 нови пациенти поради компликации од корона вирусот во последните 24 часа во ковид-центрите во главниот град. Како што информираат од Министерството за здравство, вкупно 477 лица сомнителни и потврдени за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во Скопје.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 19 приеми, и тоа двајца пациенти биле хоспитализирани на Клиниката за нефрологија, шестмина во ковид-центарот на Клиниката за неврологија, двајца на Институтот за ТБЦ, четворица на Клиниката за дерматовенерологија и еден на Очната клиника.
На ОРЛ се примени тројца нови болни, а во ковид-центарот на Клиниката за гастроентерохепатологија еден пациент.
Во ковид-центарот во ГОБ „8 Септември“ имало 13 нови приеми на пациенти. На Инфективната клиника во текот на вчерашниот ден се хоспитализирани 11 болни.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 42 оздравени пациенти.
Во моментов на Кожната клиника во ковид-центарот се лекуваат 22 пациенти, на Клиниката за неврологија 30, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 50 пациент со симптоми на коронавирусот.
Во ковид-центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 22 пациенти, на Клиниката за очни болести 17, а на ОРЛ 27 болни. На Клиниката за Гастроентерохепатологија лежат 24 пациенти.
Во ГОБ „8 Септември“ има вкупно 105 болни, на Клиниката за инфективни болести 144 пациенти, додека во Институтот за белодробни заболувања кај деца „Козле“ има 36 пациенти.
„Вкупно 477 пациенти потврдени и сомнителни за ковид-19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка. И покрај големиот број приеми во текот на вчерашниот ден, утрово до 8 часот има четириесетина слободни места, а се очекува во тек на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ ‘8 Септември’“,
информираат од Министерството.
Во текот на вчерашниот ден од МЗ соопштија дека во претходното деноноќие во ковид-центрите во Скопје се хоспитализирани 40 нови пациенти, со тоа, бројката на пациенти во болниците тогаш беше 495.