Во ковид-центрите во Куманово неделава бројот на хоспитализирани пациенти е под 100, односно има 93 пациенти. Минатата недела бројките се движеа и и до 120 хоспитализирани пациенти. Директорката на болницата, Снежана Захариева, сепак апелира до граѓаните да се придржуваат до мерките и да не се опуштаат.
„Ако минатата недела имавме околу 119, во просек од 115 до 119 пациенти, оваа недела имаме благо намалување и ќе речам дека под 100 пациенти се веќе, 93 се денеска и имаме 27 слободни места во трите ковид оддели. Сепак не треба да се опуштаме, затоа што секое опуштање може да значи нов бран, а ова предолго трае, не само што персоналот веќе во континуитет работи во полна пареа, туку не е добро за здравјето на нашите граѓани, никогаш не знаете со каков тек ќе биде болеста“,
изјави директорката на болницата, Снежана Захариева.
И покрај намалувањето, надлежните од болницата апелираа граѓаните дисциплинирано и одговорно да се однесуваат што ќе придонесе за дополнително намалување на бројката на заболените. Болницата е добро екипирана, се работи сменски и се пружа помош на заболените. Покрај интернистите, ангажирани се и лекари од други бранши кои работат под супервизија на инфектолозите и интернистите.
„Некоја ригорозна замена не можеме да направиме, сè додека имаме три пункта мора да се менуваат по смени доктори и од другите бранши. Во моментот немаме проблем со персонал иако ќе кажам дека се случува некој да излезе позитивен. Имаме и случаи каде членови на ниво семејство останале позитивни и медицинскиот персонал мора да остане дома во изолација. Правиме ротации, се снаоѓаме, но не се случило да дојдеме во ситуација да не можеме да направиме смена и да остане местото непополнето, па да нема кој да работи во ковид одделите, така да немаме проблем од таа страна“,
вели Захариева.
Во болницата има три Ковид центри, инфективно кое е Ковид 1, невролошко одделение-Ковид 2 и одделение за уво, нос и грло – Ковид 3 центар. Претходно, беше адаптиран и посебниот објект за патологија кој е наменет за дневна болница. Во меѓувреме интензивно се работи на просторот каде треба да биде лоцирана модуларната ковид болница, во непосредна близина на инфективно одделение.