Со пристигнување на зимата, во Скопје пристигнаа и пингвини. Тие се новите жители на Зоолошката градина кои од вчеравечер веќе се во своето ново живеалиште.
Веста е споделена на официјалната фејсбук-страница на Скопската зоолошка градина, заедно со првите фотографии.


„Тие полека се адаптираат во својот нов дом и ја добија првата вечера, а остварија и прв контакт со своите нови зоо-негуватели. Периодот што следува ќе бидат во карантин, за полесно да се приспособат на живеалиштето, а ние постојано ќе ве ‘честиме’ со интересни фотографии и видеа сѐ додека не дојде моментот да ги видите и во живо“,
објавија од Зоолошката во Скопје.
Трите пингвинчиња ќе живеат во современо живеалиште правено по светски стандарди, со голем надворешен базен и внатрешен топол дел со затворен базен. Од Зоолошката се заблагодарија на Град Скопје што овозможи да има ново прекрасно катче во градината, со вакви птици, и тоа првпат кај нас.
Меѓу коментарите на информацијата имаше и такви кои предлагаа трите пингвини да ги носат имињата Скипер, Прајват и Ковалски, според ликовите во анимираниот филм „Пингвините од Мадагаскар“.
Денеска на фејсбук-страницата вработените во Зоолошката споделија фотографии од пингвините како се капат во базенот.
Во продолжение може да ја погледнете фотогалеријата од пингвините:




*Фотографиите се преземени од фејсбук-страницата на Зоолошката градина-Скопје.
