Штип наскоро ќе ја добие долгонајавуваната модуларна болница. Во близина на Детското одделение во кругот на Клиничката болница, почна нејзиното поставување и таа ќе има капацитет од 42 кревети.
„Штип е еден од градовите заедно со Гевгелија, Кичево, Струга. Понатаму, следуваат Струмица и Куманово. Ова е еден модел што го правиме со помош на Светската банка, која уште на почетокот на кризата ни излезе во пресрет и со значајна финансиска поддршка ни помогна да го реализираме проектот. За жал, на почетокот на кризата, за време на техничката влада, се соочивме со една неразумна блокада од опозицијата која успеа да го одложи проектот, но секако не и да го спречи. Ова е нешто што како проект ќе даде значајно полесен пристап на пациентите кои се заболени од ковид-19 и повисок степен на квалитет на лекување, проект којшто го спроведуваме на територија на целата држава“,
изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска беше во Штип.
Модуларните болници се опремени со соодветна дијагностичка опрема, лабораторија, мобилни дигитални рендген апарати, ЕХО-апарати. Покрај олеснувањето на работата и зголемувањето на капацитетите во борбата со ковид-19, Филипче вели дека се добива уште една предност.
„Тоа е веќе потпишаниот договор за целосно реновирање на сегашното Инфективно одделение, благодарение на проектот на Европската Унија за меѓугранична соработка. Овој проект го одложивме затоа што сега таму се сместени голем број пациенти и практично ќе продолжи да се спроведува кога пациентите ќе се префрлат во оваа модуларна болница, што очекуваме да се случи некаде на крајот на јануари. Со една одредена динамика веќе продолжува да се прави фасадата, скоро е целосно завршена, а интензивно работиме на начинот да се забрзаат активностите“,
рече Филипче.
