Од Бирото за развој на образованието изјавиле за „Мета“ дека во работната група за концепцијата за основно образование учествуваат универзитетски професори и наставници, а за наставниот предмет општествени науки експерти по историја, антропологија, географија, како и наставници од меѓународни училишта
Промените кои се планираат во однос на наставните предмети ќе започнат од идната година и ќе се воведат во прво и во шесто одделение, изјавиле за „Мета“ од Бирото за развој на образованието.
„Во работната група за концепцијата за основно образование учествуваат универзитетски професори, наставници, претставници од Бирото. За наставниот предмет општествени науки, учествуваат и експерти/универзитетски професори по историја, антропологија, географија, како и наставници од меѓународни училишта кои го пренесуваат своето искуство во реализацијата на наставниот предмет Општествени науки во различни земји. Во овој момент, пред јавната расправа зборуваме и презентираме концепт, а не конкретни наставни програми во кои ќе бидат поставени очекуваните резултати од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование)“,
информираат во Бирото.
Од Министерството за образование и наука објавија дека се подготвува целосно нов модел на настава во кој ниту една научна дисциплина нема да се изгуби, туку ќе се смени концептот на кој учениците го изучуваат материјалот. Од МОН велат дека со планираните измени, не се укинува ниту предметот историја, ниту една научна дисциплина, туку дека ќе се изучуваат поврзано.
На најавите од МОН реагираше опозицијата, со барање да се повлече новиот модел и да се стави на јавна расправа.
