Таканаречената новата концепција за основно образование е сè само не концепт за образование. Според презентираното, ниту е „постигнат концепт“ ниту, пак, е тоа во некаква близина до финскиот модел. Ова е тешка импровизација во која најмалку се водело сметка за образованието и неговата содржина, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ за најавениот нов концепт за основно образование.
Нивната реакција главно се однесува на тоа зошто предметот историја да се интегрира во општествени науки кога се оспорува идентитетот, јазикот и историјата на Македонија.
„Зошто учениците во новата концепција не би имале барем една година национална историја како што има во други земји? И во финската програма постои Историја како водечки предмет со социјални студии од 3-то до 9-то одделение. Оттука, по чиј налог и програма е избришана историјата како предмет?“,
реагираат од опозицијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ покренуваат и прашања каде што во врска со новиот концепт се мислењата и ставовите на професорите, наставниците, што ќе се прави со наставничките факултети и со кадарот физичари, математичари или хемичари.
Она што е презентирано досега, велат тие, е чист популизам и пи-ар.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, пак, денеска, зборувајќи за новиот концепт, нагласи дека станува збор за модел кој е близок до финскиот и кој вклучува интегрирање на повеќе предмети во еден со цел да има тематски пристап кон тоа што го изучуваат учениците. Таа посочи дека таквиот концепт овозможува помалку учење на факти, а повеќе критично размислување на учениците.
„Овој модел наликува многу на финскиот, иако е македонски со нашите специфики, со нашите капацитети и можности, но тоа е концептот на преминување од фактичко кон размислување или училиште кое нè учи да учиме за најзначајното. Тоа се новите генерации кои треба да учат помалку факти, но многу повеќе да размислуваат, да анализираат различна литература и да донесуваат одлуки врз основа на анализите кои самостојно ги направиле“,
рече Царовска.
Сепак, таа нагласи дека е во фаза на дискусија, се базира на истражувања и анализи, а ќе има и јавна презентација.