Актуелниот прв човек на полицијата Оливер Спасовски, кој од задутре треба да ја преземе функцијата премиер на техничката влада, укажува дека Уставот мора да се почитува и се надева дека опозицијата ќе предложи нов кандидат за министер за внатрешни работи.
„Мислам дека тоа ќе го направат и заеднички ќе влеземе во таа преодна влада, која треба да ги заврши сите овие процедури до изборите. Ставот дека мора да се почитува Уставот е став што не може да биде променет и тоа треба да го почитуваат сите. Владата ќе функционира од моментот кога ќе биде избрана, а тоа треба да се случи на 3 јануари, затоа што изборите ќе бидат на 12 април“,
рече Спасовски.
Останатите кадровски предлози на ВМРО-ДПМНЕ за техничката влада, како што е познато, се прифатливи и за Спасовски и за СДСМ. Опозицискиот лидер Христијан Мицкоски се очекува до утре да се изјасни дали и кого ќе предложи за технички министер во МВР.

Кои се сценаријата за расплет на ситуацијата која настана околу Ковачки можете да прочитате ТУКА.
КОИ СЕ ОСТАНАТИТЕ ПРЕДЛОЗИ НА ВМРО-ДПМНЕ ЗА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДАТА
За министерка за труд и социјална политика најголемата опозициска партија ја предложи Рашела Мизрахи која е ветеринарка – докторка по ветеринарна медицина, чие поле на научен интерес е андрологијата или машката фертилност кај животните.

Таа дипломирала на Факултетот за ветеринарна медицина при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје во 2006 година како најдобар студент во генерацијата. Таму подоцна магистрирала и работела како асистентка на Институтот по физиологија (2007-2009 г.). Рашела Мизрахи докторирала на Универзитетот „Бар Илан“ во Израел во 2014 година и се стекнала со звање доктор на науки по биохемија на андрологија.
Работела како консултант на Глобален Фонд во рамки на програмата за туберкулоза во Р Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел.
Интересно е и дека Мизрахи, заедно со актуелната министерка за финансии, Нина Ангеловска, била предавач на Школата за млади лидери, чиј покровител беше претседателот Ѓорге Иванов.

За дополнителен заменик-министер за финансии ВМРО-ДПМНЕ ја предлага Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа важи за блиска до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Била финансиски директор на ЕЛЕМ додека тој беше на чело на државните електрани (сега ЕСМ). Димитриеска-Кочоска сега работи во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии.

За дополнителен заменик-министер за земјоделство се предлага Цветан Трипуновски. Тој е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а бил директор на Државниот инспекторат за земјоделство и на Државната фитосанитарна лабораторија.

Актуелната пратеничка Невенка Стаменковска-Стојковски е предложена за дополнителна заменик-министерка за информатичко општество и администрација.
КОИ СЕ ПРЕДЛОЗИТЕ НА СДСМ ЗА ТЕХНИЧКАТА ВЛАДА
Покрај Оливер Спасовски, кој ќе го преземе премиерското столче во техничката влада, од редовите на СДСМ висока позиција ќе добие и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.

Таа ќе го заземе местото на вицепремиер за економски прашања и координација на економските ресори во Владата, со оглед на најавеното повлекување на Кочо Анѓушев.

Дополнителна заменик-министерка за труд и социјала на предлог на СДСМ ќе биде Санела Шкријељ, актуелна шефица на кабинетот на министерката Царовска.

Според истиот терк, Славјанка Петровска, шефица на кабинетот на Оливер Спасовски, кој во МВР ќе му отстапи место на кадар на ВМРО-ДПМНЕ, ќе биде дополнителна заменик-министерка за внатрешни работи, на предлог на СДСМ.