Ако се собере бројот на нови пациенти од април до октомври, резултатот покажува дека за тие седум месеци се заразиле 31 428 граѓани, а само во ноември се заразиле 30 349, открива анализата на “360 степени”
Анализата на податоците освен што покажува колку лошо беше во ноември, таа покажува и дека врвот на заразата, најверојатно, е веќе поминат
На секои 1 000 граѓани во Македонија, 15 се заразиле со новиот коронавирус само во ноември. Или, под претпоставка дека во земјата живеат два милиона жители, околу 1,5% од популацијата се заразил со ковид-19 само во претходниот месец.
До ваквиот заклучок дојде „360 степени“ по анализата на дневните податоци што ги објавуваат Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје. Во апсолутни бројки, во ноември се регистрирани 30 349 нови случаи на ковид-19.
Еден месец колку за цела епидемија
Податокот што најдобро покажува колку е голем растот на новозаболени во ноември, а со тоа и колку брзо порасна притисокот врз здравствениот систем, е бројот на нови случаи на месечно ниво. Како што покажува графиконот подолу, во ноември има 30 349 нови случаи. Тоа е повеќе од двојно поголем број на нови пациенти споредено со октомври, кога имало 13 628 новодијагностицирани со ковид-19. Споредбата со септември, кога имало 3 663 нови случаи, покажува дека во ноември има осумпати повеќе случаи. Или, ако се собере бројот на нови пациенти од април до октомври, резултатот покажува дека за тие седум месеци се заразиле 31 428 граѓани. За потсетување, само во ноември се заразиле речиси исто толку (30 349).

Како што растеше бројот на новозаболени во ноември, така се полнеа и болничките капацитети. Ако од август до септември во просек имало околу 340 хоспитализирани поради ковид-19, во октомври таа бројка порасна на 686. На крајот на ноември во болница беа 1 346 пациенти или четирипати повеќе од пред само два месеца.

Последиците се веќе познати. Брзината со која се ширеше заразата и се полнеа болниците доведе до сѐ повеќе поплаки дека пациентите не се згрижени навреме или, пак, дека не добиваат соодветна нега и лекување.
Заразата го достигна врвот?
Но, анализата на податоците освен што покажува колку лошо беше во ноември, таа покажува и дека врвот на заразата, најверојатно, е веќе поминат.
Ако се земе предвид дневниот биланс на новозаразени, како што покажува графиконот подолу, видливо е дека најголемиот број новодијагностицирани пациенти е објавен на 18 ноември, кога имало 1 406 случаи. Неделите пред и потоа бележат за нијанса пониски вредности. Податоците јасно говорат дека трендот на раст на бројот на болни, барем засега, е прекинат.

Овие податоци, сепак, мора да се разгледуваат и во релација со бројот на тестирања. Односно, колку од направените тестови биле позитивни.
И таа статистика, доколку се земат предвид податоците од последните два месеца, покажува дека епидемијата е на својот врв или веќе го надминува. Ако на почетокот на октомври процентот на позитивни тестови се движел меѓу 10% и 15%, на почетокот на ноември има денови кога тој е над 40%. Последната недела кривата се движи меѓу вредностите типични за целиот месец, но не и над нив.

Со растот на заболени, рекорден скок на бројот на починати
Причините поради кои ковид-19 го „заклучи“ целиот свет се компликациите кои ги предизвикува болеста и соодветно на тоа бројот на пациенти кои не можат да се изборат со неа. Само во ноември во Македонија, како починати од ковид-19, се водат 769 пациенти. Тоа значи дека од вкупно 1 763 починати од почетокот на епидемијата до 30 ноември, дури 43,6% починале во последниот месец.

Доколку податоците за ноември се разгледаат по денови, видливо е дека бројот на смртни случаи нема тренд на намалување. Напротив, последните неколку дена од ноември има и поголем број на починати споредено со претходните недели. Сепак, важно е да се забележи и дека разликите не се драматични.

Доколку бројот на новозаболени продолжи да стагнира или да се намалува, очекувано е дека наскоро ќе почне да стагнира и бројот на смртни случаи. Причината за тоа е што компликациите и лекувањето кај тешките случаи траат и по неколку недели по дијагнозата на болеста. Така, „бранот“ на зголемен број смртни случаи вообичаено доцни од две до три недели по „бранот“ на зголемен број заразени.