Државниот пазарен инспектор во петокот, за време на акцијата блек фрајдеј, изврши инспекциски надзори во трговските центри на територија на цела држава. Неправилности и големо отстапување немаше. Ова на денешната прес-конференција го соопшти раководителот на Инспекциски надзор-Скопје, Мери Проја-Продановска, одговарајќи на новинарско прашање колку и какви неправилности имало за време на Црн петок.
„Во моментот се обработуваат уште некои постапки во делот на попустите што беа забележани на блек фрајдеј“,
рече Проја-Продановска.
Директорката на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Иринка Бухова-Сотирова, пак, изјави дека немаат ингеренции да казнуваат за непочитување на мерките за носење лична заштитна опрема во трговските центри и во правните субјекти кои се под надлежност на ДПИ.
На новинарско прашање дали се вршат редовни контроли во маркетите во Скопје, Проја-Продановска рече дека Државниот пазарен инспекторат врши контроли и во маркетите низ цела држава, а не само во Скопје.
Од почетокот на пандемијата до денес, како што рече, се воочени неправилности низ цела држава и имаат доставено околу 80 прекршочни платни налози.