Судијата и член на Судскиот совет, Зоран Теофиловски, во моментов е во исчекување. Чека неговите колеги во Судскиот совет да одлучат дали ќе му го одземат имунитетот, што подоцна може да доведе и до негово притворање. Тој е првоосомничен за веќе познатиот случај во тетовско, каде наводно незаконски легализирал, а потоа и отуѓил државно земјиште, со што направил штета на државата од околу 860.000 евра.

Но, како што синоќа објави „360 степени“, двете најважни институции во прогонот на Теофиловски јавно покажаа несогласување за случајот. Откако Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал јавно ги опиша настаните во случајот и објави дека во истрагата се осомничени 8 лица, своја верзија објави и МВР. Во соопштението на полицијата се вели дека тие на 5 декември 2019 година испратиле кривична пријава до обвинителството кое го води Вилма Русковска за 5 лица повеќе, односно за вкупно 13.

Најзвучните „разлики“ се имињата на поранешниот градоначалник на Тетово, Сади Беџет, и државната правобранителка за Тетово, Јованка Ѓорѓеска.
Што велат денеска од обвинителството на Вилма Русковска
„360 степени“ упати прашања и до МВР и до ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција. Поопсежни во одговорот беа од обвинителството.
Според нив, првичната кривична пријава за случајот, кој подоцна ќе прерасне во истрага, е поднесена во јануари 2019 година од страна на СВР Скопје – единица за финансиски криминал. Јавен обвинител од организиран криминал потоа донел Наредба за преземање на предистражни дејствија.
„Наредбата беше доставена на постапување во Министерството за внатрешни работи. Постапувајќи по наредбата до обвинителството од страна на Единицата за корупција при Секторот за криминалистички истраги во МВР е доставен Извештај со прилог документација за преземените мерки и активности, во кој е опишана постапката за легализација и приватизација во Општина Тетово, како и кои службени лица постапувале“,
велат за „360 степени“ од ОЈО за ГОКК.
Ова тврдење на обвинителството значи дека МВР не ја пренеле вистината во дел од нивното соопштение. Поточно, дека не е точен делот во кој МВР тврди дека е поднесена кривична пријава против 13 лица и дека таа е поднесена од Одделот за сузбивање на организиран криминал:
„На 05.12.2019 Единицата за корупција при Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до Основно Јавно Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кривично ги пријави… (следуваат генералии за 13 лица)“,
дел од вчерашното соопштение на МВР.

Она што според обвинителството е добиено на тој датум е Известување за преземените мерки од МВР, согласно нивната Наредба, а не кривична пријава. Така, откако обвинителот ја разгледал и проучил добиената документација, донел наредба за истрага.
„При проучувањето на прибраната документација се утврдени елементи на инкриминирачки дејствија за кои е надлежно да постапува Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и е донесена Наредба за спроведување на истражна постапка против осум лица“,
велат за „360 степени“ од ОЈО за ГОКК.
Со други зборови, од обвинителството со кое раководи Вилма Русковка потврдуваат дека дел од документацијата се однесувала и на поранешниот градоначалник на Тетово, Сади Беџети, и на државната правобранителка за Тетово, Јованка Ѓорѓеска. Но дека за нив, барем во овој момент, нема доволно елементи за истражна постапка.
А што велат од МВР?
На слични прашања како до обвинителството, од МВР одлучија да пратат покус одговор. Како и вчера, од полицијата објаснуваат дека тие само постапувале по наредба на обвинителството, но тоа што вчера терминолошки беше „кривична пријава“, денеска е „поднесок“.

Полицијата, сепак, останува на тврдењето дека има основани сомненија за 13 лица.
„Врз основа на преземените мерки и активности и обезбедените докази во моментот на доставувањето на поднесокот до ОЈО за ГОКК, ОСОСК при МВР располагаше со основани сомненија дека кривичните дела се сторени од страна на 13-те пријавени лица“,
велат за „360 степени“ од МВР.
И додека јавниот коментар на МВР оди „по работ“ на нивните надлежности, кога веќе постапувале по наредба на јавен обвинител, во исто време ја препознаваат улога на обвинителот:
„ОЈО има надлежност да цени против колку лица ќе отвори истрага и дали ќе изврши преквалификација на кривичното дело“,
велат за „360 Степени“ од МВР.
Зошто беа потребни две соопштенија?
Според упатени извори во обвинителството, вчера имало обид МВР и ОЈО за ГОКК да објават заедничко соопштение, но не била постигната согласнот за содржината на текстот. Упатени извори од МВР, пак, тврдат дека причината што тие издале самостојно соопштение е што обвинителството не ги соопштува ниту иницијалите на осомничените лица. А праксата на МВР била да ги објавува и иницијалите.
Која и да е вистината, позади двете различни соопштенија ќе остане трагата дека и некое друго крупно име освен Теофиловски или требало или може во иднина да биде под истрага.