На седница која ќе биде затворена за јавноста, членовите на Судскиот совет од 13 часот и 30 минути ќе одлучуваат дали да му го симнат имунитетот на нивниот колега Зоран Теофиловски.

Итната седница доаѓа откако судијата утрово се повика на имунитет пред судија на претходна постапка, по предлогот за определување на мерка притвор против него од страна на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Теофиловски е првоосомничен во групата од осум лица, за кои обвинителството отвори истрага поради сомнеж дека незаконски легализирале градба а потоа и оттуѓиле земјиште во државна сопственост. Штетата во случајот се проценува на околу 860.000 евра.
Обвинителството бараше притвор и за уште пет други лица од групата, но судот во прв степен им определи само куќен притвор. Од обвинителството најавија дека ќе поднесат жалби на ваквите решенија.