Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција извести дека постигнало спогодба со пет лица кои беа обвинети за дела за кои првосомничен е поранешниот градоначалник на општина Карпош, Стевче Јакимовски.
Бесправно градење на бараките во општина Карпош
Обвинетиот инжинер Ј.К. од „Карапанчевски Компани ДООЕЛ“, кој бил ангажиран како надзорен орган на демонтажата и повторната изградба на бараките во општина Карпош беше обвинет дека потпишал градежен дневник, градежна книга и времена ситуација, иако не било издадено одобрение за градење. Тој признал дека со своите дејствија сторил кривично дело „бесправно градење“ и се согласил да му биде изречена казна затвор во траење од две години, која нема да се изврши доколку во рок од три години не стори ново кривично дело.
Партерно уредување на Сквер во Жданец
Со втората спогодба се опфатени тројца соработници на екс-градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски кои беа обвинети дека во 2016-та година ја злоупотребиле службената положба и овластувања во постапката за јавна набавка за „Партерно уредување на Сквер во Жданец” и му овозможиле на Друштво за градежништво С.М.Компани“ да се стекне со противправна имотна корист од 2.845.234,00 денари. Обвинетите Н.Н. како претседател на Комисијата за јавна набавка, членот на Комисијата С.М. и А.С.која била назначена за заменик-член на Комисија за јавна набавка признале дека со пропуштање на должниот надзор, несовесно постапиле во вршењето на своите овластувања и должности и сториле кривично дело „несовесно работење во служба“. Тие се согласиле да им биде изречена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку во рок од две години не сторат ново кривично дело и парична казна како споредна казна во висина од 500 евра во денарска противвредност.
Ексклузивно право на откуп на земјиште
Во оваа постапка, во која освен Јакимовски е обвинета и службеничката во општина Карпош Р.Д., таа признала дека пропуштила должен надзор и потпишала решенија за утврдување правен статус на привремените објекти за деловна намена како да се бесправно изградени објекти, со што едно физичко лице се стекнало со право на сопственост на објектите и ексклузивно право на откуп на земјиштето под објектите во сопственост на РС Македонија. Инаку во целокупната постапка освен едно физичко лице се вклучени и две правни лица кои со непосредна спогодба се стекнале со материјална и имотна корист во вид на градежно земјиште под објект за цена од 438 денари за квадратен метар иако според ценовникот за утврдување пазарна вредност на градежно земјиште и макролокација на зони во град Скопје изнесува 18.000 денари за квадратен метар. Проценетата штета за буџетот на Македонија е во износ од 31.410.000 денари. Во текот на истрагата утврдено е дека едно од двете правни лица, земјиште со површина од 1.533 м2, купено за 671.454 денари, по само дваесеттина дена го отуѓило за 40.528.500 денари. Осомничената Р.Д се согласила да и биде изречена казна затвор во траење од една година, која нема да се изврши доколку во рок од две години не стори ново кривично дело и парична казна како споредна казна во висина од 500 евра во денарска противвредност.
Обвинителството соопшти дека судијата на претходна постапка ги прифатил поднесените Предлог-спогодби и донел пресуди со кои на обвинетите им се изрекуваат предложените казни.