Шефот на Директоратот за проширување во Европската комисија денеска пристигна во Скопје. По отстранувањето на пречката со името, Кристијан Даниелсон е во инспекција на темпото на клучните реформи што треба да ги испорача земјава ако сака во јуни да добие датум за официјален почеток на преговорите за членство со ЕУ. Даниелсон го снимивме попладнето на влегување во Министерството за надворешни работи, но изјавата ја остави за утре.
Освен со Димитров, Даниелсон се среќава со премиерот Заев, вицепремиерот Османи и со министрите во критичните области во кои се очекуваат резултати – разузнавачките и безбедносните служби, судството, борбата против корупцијата и јавната администрација. Во владиниот преговарачки тим се уверени дека не е само името на листата завршени задачи.
Можно ли е, и покрај тешките политички одлуки што ги донесе владата на Заев, земјава повторно да остане без датум за прва меѓувладина конференција што де факто е почеток на пристапни преговори со Унијата?
– Она што ни е нам најважно е ние да направиме се од наша страна за да бидеме чисти и одговорни во јуни месец дека сме направиле се за да го добиеме тој датум. И токму работиме во таа насока. Секако, свесни сме дека ќе зависи од таа одлука за почеток на преговорите со конкретен датум за меѓувладина конференција, дека ќе зависи од резултатот на европските избори во мај и од волјата на државите членки. Но, ние сме убедени и правиме се да во јуни биде незамисливо да не се поддржи Македонија за почеток на преговорите, затоа што навистина очекуваме да бидат валоризирани сите овие чекори и тешки одлуки коишто се донесоа во изминатата година. Расположението кај голем дел од членките на ЕУ е позитивно, секако треба да ги убедиме и оние кои беа скептични минатата година, меѓутоа оваа година покажуваат зголемен интерес за ситуацијата во Македонија – вели Бојан Маричиќ, главен технички преговарач со ЕУ.
Мислите на Франција и на Холандија?
– Да. Секоја од свои причини минатата година беа повоздржани, но ние работиме интензививно на тоа до јуни да ги убедиме дека навистина заслужуваме шанса. Ако евентуално, што јас лично не верувам, се донесе одлука за некакво одлагање, тоа секако би го сопрело оној напредок и оној раст којшто Македонија го покажа во изминатите 2 години и којшто би било логично да продолжи со шансата за почеток на преговорите. Ние бараме да започнеме со процесот, не да го завршиме оваа година – вели Маричиќ.
Дали датумот за преговори е причината поради којашто можеби се тактизира со одлуката дали да има или да нема предвремени избори?
– Еден од клучните фактори за одлуката за предвремени избори е секако одлуката во јуни за почеток на преговорите и мислам дека сите во владата го имаат тоа во предвид дека доколку се оди сега на предвремени парламентарни избори постои можност да биде тоа аргумент за некои држави да кажат дека може и да се почека со таа одлука – вели Маричиќ.
Европските избори ќе се одржат на крајот на мај што значи дека актуелната комисија на Јункер ќе го подготви годишниот извештај за земјава и актуелниот комесар Хан ќе се обиде во јуни да ги убеди земјите-членки дека Република Северна Македонија конечно треба да ги почне преговорите за членство.
Напишете коментар