Интервјуто на премиерот и партиски лидер ги врати и на „Бихаќска“ поделбите на поранешни и сегашни функционери
За разлика од Црвенковски, кој побара СДСМ да се огради од позициите на Заев, другите двајца поранешни лидери на партијата – Шекеринска и Бучковски го поддржуваат сегашниот премиер
Сегашниот премиер и лидер на СДСМ Зоран Заев му кажа „не“ на својот претходник во партијата Бранко Црвенковски, кој денеска се огласи по подолго отсуство од политичкиот живот, оценувајќи го како скандалозно неговото интервју за БГНЕС.
„Македонските граѓани избраа иднина и избраа да чекорат напред, а Црвенковски е историја“,
одговорија од СДСМ, практично, одбивајќи го барањето на некогаш неприкосновениот лидер на партијата и поранешен премиер и претседател на државата -да се состане Централниот одбор на СДСМ и да се огради од ставовите на Заев.
Црвенковски, во обраќање до сопартијците, соопшти дека го замрзнува членството во СДСМ – додека ЦО не одржи седница на која ќе се огради од ставовите на Заев. Но, со оглед на тоа што седнците на ЦО ги свикува партискиот лидер, кој го утврдува и дневниот ред, членството на Црвенковски во СДСМ, веројатно, ќе остане замрзнато подолго време.
По обраќањето на Црвенковски, од СДСМ одговорија дека искажаните ставови на претседателот на партијата и премиер се ставови на партијата, но и државни позиции, врз основа на добиената доверба на последните парламентарни избори.
„Овие ставови се изградени во рамки на партијата и нејзините органи. Овие ставови се државни ставови и државни позиции, врз основа на довербата на граѓаните на последните избори.
Став на партијата, на Владата, на претседателот Заев, но и државна позиција е дека македонската иднина е во Европската Унија, дека Македонците со својот македонски јазик чекорат напред кон Европа, кон просперитет и кон пријателство со сите соседи.Обраќањето на поранешниот претседател, после долги години молк и немање став за важни државни или национални прашања, нека го толкуваат граѓаните. Дали е тоа принципиелен однос кон својата партија и кон членството на СДСМ, ќе ценат членовите на СДСМ и граѓаните. Во исто време, СДСМ и натаму ги почитува и ќе ги почитува сите важни политички одлуки кои партијата ги донела во времето кога беше раководена од Црвенковски, а со кои државата беше насочувана кон прогрес и кон демократски и европски вредности. СДСМ нема да навлегува во личните мотиви на Црвенковски, искажани во клучни моменти кога на цела држава и е потребен разум за остварување на стратешките цели поставени од независноста, меѓу кои и членство во ЕУ“,
велат од СДСМ.
Соопштението што го испрати СДСМ, како одговор на реакцијата на Црвенковски, набрзо стана „вирално“, односно го пренесоа и како свој став на фејсбук повеќето партиски функционери, почнувајќи од генералниот секретар на партијата и вицепремиер Љупчо Николовски и партиската заменик-претседателка и министерка за одбрана Радмила Шекеринска.
Претходно, Шекеринска, коментирајќи за интервјуто за БГНЕС, отворено застана зад Заев, кој од вчера е цел на лавина критики што доаѓаат од различни табори.
„Желбата на премиерот е да отвори повеќе врати за соработката меѓу Македонија и Бугарија. Да не дозволи тоа што се случувало пред 70 години да ни биде единственото нешто за што ќе разговараме сега, во 21 век“,
изјави Шекеринска, потврдувајќи го ставот на Заев дека фашизмот нема етничка боја.
Во одбрана на позициите на Заев застана и поранешниот лидер на СДСМ и премиер Владо Бучковски, потсетувајќи дека во 2006 година, тој и тогашниот бугарски премиер Сергеј Станишев изразиле подготвеност за заедничко чествување на Кирил и Методиј и на Илинденското востание, по што бил „дочекан на нож од дел од медиумите“.
Со свој став, во одбрана на Заев, се јави и министерот за здравство Венко Филипче, посочувајќи дека тоа што тој го направил за евроинтеграциите е за секаква почит.
Од друга страна, вицепремиерот Никола Димитров, во статус на фејсбук, нагласи дека идејата на Договорот за добрососедство била историјата да им се препушти на историчарите, а политиката да се занимава со сегашноста и со иднината.
Министерката за култира Ирена Стефоска, која е професорка на Институтот за национална историја, оцени дена Заев, и покрај сите напори, не може да ѝ помогне на соседна Бугарија, бидејќи бугарското општество мора, како и секое друго, самото да се справува со темните страни од своето минато.
Во мноштвото реакции во текот на денешниот ден имаше отворени повици – од поранешни функционери на СДСМ за оставка на Заев. Со такво барање, на пример, настапи поранешната пратеника на СДСМ Софија Куноска, оценувајќи дека „во историска смисла, оваа отсечка ќе биде еднакво грозна како и владеењето на Никола Груевски и неговиот режим“.
Меѓу првите кои реагираа на интервјуто на Заев е поранешната пратеничка Ивана Туфегџиќ, која влезе во минатиот состав на парламентот од листата на СДСМ, а како претставник на граѓанскиот сектор.
„Изјави за странски медиуми како на премиерот Заев носат повеќе штета од корист“
напиша вчера Туфегџиќ на фејсбук.
Во 2013 година, Заев го наследи Црвенковски на лидерската позиција во СДСМ, каде што тој се врати по завршувањето на претседателскиот мандат во 2009 година, кога партијата беше во опозиција.
Во 2017 година Заев беше реизбран на чело на СДСМ на конгресот на кој беше избран и сегашниот состав на Централниот одбор на партијата.
Во меѓувреме, Црвенковски речиси целосно се повлече од политичкиот живот, иако имаше неколку појавувања во јавноста во критични политички моменти.
Во септември 2018 година, Црвенковски јавно соопшти дека ќе гласа „за“ на референдумот за името, по потпишувањето на Преспанскиот договор.
Во март годинава, поранешниот претседател, на дебата на Подгоричкиот клуб, во рамки на 27. „Копаоник бизнис форум“, првпат коментираше за одлуката на Брисел од октомври минатата година – Северна Македонија да не добие датум за почеток на преговори со ЕУ.
„Го сменивме името заради ЕУ и затоа недобивањето датум за почеток на преговорите предизвика разочарување во земјата“,
оцени тогаш Црвенковски.