Министерот за правда соопшти дека работна група работи на нов Кривичен законик каде што ќе се вметнат и дела против безбедноста на новинарите
Министерството за правда започна постапка за подготовка на нов Кривичен законик во кој ќе бидат вметнати и кривичните дела со кои ќе се подигне нивото на заштита на новинарите и медиумските работници.

Ова денеска го соопшти министерот Бојан Маричиќ на „вебинарот“ посветен на зајакнување на безбедноста на новинарите преку измени и дополнувања на Кривичниот законик.
Во однос на заштитата на новинарите, работната група предложила измени во одредени кривични дела од потежок облик, доколку делото е сторено против новинар, а казните во иднина да бидат уште построги.
Маричиќ рече дека на текстот се работи во консултација со претставниците на новинарска фела и новинарските здруженија, вклучително и ЗНМ и Синдикатот кои постојано укажуваат на потребата од поголема заштита на новинарската професија.
„Нивните предлози секако се добредојдени, бидејќи само преку отворен дијалог токму со новинарите ќе можеме да донесеме нов закон кој дополнително ќе ги заштити слободно да си ја извршуваат одговорната работа, а сите оние што ќе се обидат да ги заплашуваат или, пак, физички или вербално да нападнат новинари, односно медиумски работници, ригорозно да се казнуваат“,
рече Маричиќ.
Тој јавно ги повика новинарите преку синдикатите и здруженијата да ги продолжат разговорите со институциите за да се добијат поквалитетни закони во делот на гарантирање на безбедноста и слободната работа.
Покрај законските измени, Маричиќ истакна дека една од најзначајните забелешки е дека е потребно поефикасно постапување од надлежните институции за истражување и санкционирање.