Истражувањето на БИРН покажува каде и како се трошеле државни пари во проекти за масовен спорт, од кои некои, наместо за три, не се завршени ни после 15 години
Околу сто милиони евра чини државното вложување во спортски објекти во изминатата деценија, во големи проекти, како 35 спортски сали, па 145 училишни спортски сали, 50 фудбалски игралишта, 100 мултифункционални игралишта (мал фудбал, ракомет, кошарка), 100 тениски игралишта итн, покажува истражувањето на БИРН, што го објавува порталот призма.мк.

За држава со буџетски можности послаби и од „сиромашните“ членови на овие друштва, тоа е голема инвестиција, која ако не даде резултати, би била ненадоместлива загуба.
Овие проекти се одамна завршени, а истражувањето на БИРН покажало дека некои од тениските, фудбалските и повеќефункционални игралиштане се распаѓаат, други се чуваат заклучени, а трети се дадени несоодветно под концесија на приватни фирми.
Но затоа проектот за фискултурни сали, кои се неопходност за предметот физичко образование е половично спроведен, петпати пролонгиран и наместо три, ќе трае најмалку 15 години.
Градењето се одложувало и до 15 години
Еден од примерите кој го посочува БИРН е оној во основното училиште „Вера Јоциќ“ во скопската населба Хиподром. Дел од тамошните ученици не дочекаа да добијат фискултурна сала, која беше една од 145-те од владиниот проект што почна да се спроведува во 2009 година. Новите генерации ја добија на почетокот од сегашната учебна година, кога најголемиот дел од нив ги изведуваат вежбите по физичко воспитување дома пред веб-камерите, како дел од онлајн-наставата.
Примерот со “Вера Јоциќ“ покажува дека се направиле две физибилити студии во 2007 и во 2010 година, а се зеле и два кредита од 12,5 милиони евра во 2008 и од 30 милиони во 2011 година за финансирање на овој мегапроект. Плус се предвиделе уште 18 милиони евра буџетско учество. Со тоа буџетот на проектот бил определен на 60 милиони евра.
На 18 март 2009 година се потпишал договор со „Гранит“ и од тогаш почнува бавната изведба на „30 сали за средните и 115 за основните училишта“. Со пет анекси, рокот за изградба е продолжуван од 36 на 60 месеци, па за уште 48 и 72 месеци. По договорот во 2009 година, анекси се потпишуваат во 2010, 2014, двапати во 2018 за со последниот, склучен во 2019 година, да се предвиди крај на градежните работи во 2024 година. Вкупно тоа значи зголемување на рокот од првичните 36 на 188 месеци, или петпати повеќе од предвиденото.

Извештајот на Државниот завод за ревизија за успешноста на овој проект, објавен во 2019 година, покажува дека до таа година биле изградени и предадени во употреба 76 сали, 14 биле во изградба, а 12 биле почнати таа година. Проектот бил комплетиран само 52 отсто. Според ревизорите, постои ризик од понатамошно одолжување. Тие не можеле ниту да ја оценат успешноста бидејќи половина сали не се изградени и не се користат.
Податоците по години, пак, покажуваат дека во првичниот рок до 2012 година биле комплетирани одвај 18 отсто од објектите. Ниту една сала не била изградена за онолку време колку што било предвидено.
Од Министерството за образование велат дека во моментов се готови 84 сали, шест се во изградба, а уште 55 останува да се доградат, а отпочнувањето ќе зависи од обезбедувањето одобренија за градба од општините и од теренската анализа, велат оттаму за БИРН.
Распаднати трибини, искршени реквизити
Состојбата со објектите за масовно спортување, покажало истражувањето на БИРН е следна: случаи на масовно уништување, масовно заклучување за да се спречи уништувањето, масовно издавање, но многу ретко масовно користење од локалното население преку соодветно управување од општините.

Таков пример БИРН откри во општина како Ранковце, каде има фудбалско игралиште со стандардни димензии и со трибини за 500 гледачи, отворено во 2009 година. Освен за детски фудбалски школи пред пет години и за повремени училишни натпревари на дел од теренот, игралиштето не се користи за фудбал бидејќи нема кој да го користи.
Состојбата му е следна: трибините се распаднати – штиците биле украдени или скапале од влага, металните конструкции се ’рѓосани, вклучувајќи ги и стативите, тревникот е нерамен и има понекој искршен прозорец на помошната просторија.
Друг примери се и теренот во Љубин во Општина Сарај, кој е обраснат со трева, тенискиот терен во Орешани, кај Зелениково, кој е многу оштетен, со извадени електрични инсталации, парчиња ограда и други материјали, новото повеќенаменско игралиште во населбата Даме Груев со оштетена ограда и дел реквизити…
И проектите за масовно спортување беа под лупа на ревизорите, но во 2015 година. Дотогаш беше комплетиран само тој за фудбалските игралишта, а во меѓувреме се изградија и тениските и повеќенаменските. Главниот заклучок на ревизијата е дека залудно се направиле. Пет години подоцна, тој впечаток е сѐ уште ист.
Целото истражување на БИРН може да го прочитате ТУКА.