Целиот процес опфаќа временски период од речиси два ипол месеци, од гласањето до денот на положување на заклетвата. Но, патот до Белата куќа често е поплочен со непредвидливи ситуации
Американците кои излегоа на гласање на денот на изборите всушност не го избираат директно претедателот на државата. Според американскиот изборен систем утврден со Уставот, кој е специфичен во споредба со другите земји, гласачите технички гласаа за 538 избирачи (електори) кои се состануваат во нивните држави и гласаат за двојката претседател – потпретседател откако гласовите ќе се пребројат и резултатите ќе бидат потврдени од изборните претставници.
Овие електори го сочинуваат Изборниот колеџ, а нивните гласови потоа се доставуваат до претседателот на Сенатот (горниот дом на Конгресот), кој ги брои на заедничка седница на двата дома на Конгресот по нова година.
Предизвиците на изборниот систем
Овој изборен систем во САД се спроведува уште од изборите во 1800 година, што првично резултираше со изедначен број на гласови во Изборниот колеџ. Тогаш Претставничкиот дом му го додели мандатот на Томас Џеферсон и тие први спорни избори резултираа со 12-тиот амандман, со кој беше изменет процесот на гласање во Изборниот колеџ.
Подоцна, во 1824 година, Џон Квинси Адамс стигна во Белата куќа и покрај тоа што не освои ниту мнозинство од гласовите од граѓаните ниту мнозинство во Изборниот колеџ.
Во 1876 година, резултатите во неколку јужни држави беа оспорувани, а недостатокот на јасни резултати од Изборниот колеџ доведе до договор во Претставничкиот дом со кој на Радерфорд Б. Хејс му беше доделена претседателската функција, иако тој не освои мнозинство ниту во Избирачкипт колеџ, ниту од граѓаните. Тоа на крајот беше причина за носење на Законот за изборни пребројувања од 1887 година, кој е на сила и денес.
Ова е историјатот за тоа како низ децениите и вековите се менувал изборниот процес во САД, за да дојде до актуелниот.
Последните претседателски избори во САД се одржаа на почеокот на овој месец и според досегашните проекции победник е демократот Џoзеф Бајден, кој го спречи републиканецот Доналд Трамп да ја продолжи традицијата да остане во Белата куќа два последователни мандати.
Но, малкумина знаат дека процесот од изборниот ден до инаугурацијата опфаќа повеќе чекори кои ја претставуваат транзицијата на власта, кога доаѓа до смена на ракооводството во Белата куќа.
Во продолжение ги издвојуваме датумите кои се важни на патот на победникот од денот на изборите до давањето заклетва на Капитол Хил.
3 ноември – Ден на изборите
Гласачите гласаат, гласовите се бројат.
Иако милиони Американци го дадоа својот глас неколку недели пред денот на изборите на предвременото гласање или преку пошта, американскиот закон предвидува дека денот на изборите е првиот вторник во ноември. Најчесто, најголем дел од гласовите се пребројуваат на самиот изборен ден.
Од 4 ноември – до 23 ноември
Броење на гласовите.
Ливчињата по пошта, во најголем број од сојузните држави, мора да пристигнат по пошта до 3 ноември, но во некои, законите дозволуваат да се примат и подоцна и да бидат пребројани.
Во повеќето случаи, тие мора да пристигнат во рок од еден или два дена од денот на изборите. Но, во државата Вашингтон, на пример, гласачките ливчиња по пошта може да се примат и до 23 ноември.
10 ноември – 11 декември
Државите ги заверуваат резултатите од изборите.
Секоја држава го прави тоа на поинаков начин, но вообичаено е една недела по денот на изборите – сојузните влади да започнат да ги заверуваат нивните изборни резултати. Тие рокови можат да се променат во случај на пребројување, доколку има исклучително тесен резултат.
8 декември
Се утврдуваат изборните резултати и се доделуваат електорските гласови.
Според законот за изборно броење, ова е датумот до кога државите треба да ги избројат гласови, да ги решат евентуалните спорови и да го утврдат победникот според нивните гласови во Изборниот колеџ. Гувернерите треба да издадат потврда за утврдување на списокот на победникот на изборите.
Во 2000 година, Врховниот суд пресуди пребројување на гласовите во Флорида, бидејќи до овој датум во оваа сојузна држава не можеше да се верификуваат резултатите.
14 декември
Поднесување на електорските гласови.
Според законот, ова се случува во понеделник, во третата недела од декември, кој годинава се паѓа на 14 декември. Шест дена по завршувањето на споровите, електорите треба да се состанат во нивните држави и да гласаат за американскиот претседател. Тие заверуваат шест групи гласови и ги испраќаат во Вашингтон.
Многу држави имаат закони со кои се предвидува нивните електори да гласаат за победникот во нивната држава, а за оние кои ќе гласаат спротивно на тоа, следуваат казни.
23 декември
Изборните гласови мора да пристигнат во Вашингтон.
Има рок од девет дена до кога гласовите на електорите мора да стигнат до Капитол Хил.
3 јануари
Заклетва на новиот Конгрес.
Членовите на Претставничкиот дом и новите членови на Сенатот положуваат заклетва напладне. Ова е официјален почеток на работата на 117-от по ред состав на Конгресот.
6 јануари
Изборните гласови се преброени.
Членовите на Претставничкиот дом и Сенатот се состануваат, а со седницата претседава претседателот на Сенатот (тоа е потпретседателот Мајк Пенс), на која се читаат изборните гласови и се бројат по азбучен ред од двајца претставници – по еден од двата дома. Потоа тие му ги предаваат резултатите на Пенс, кој ги објавува резултатите и ги слуша евентуалните приговори.
Ако има приговори, Претставничкиот дом и Сенатот ги разгледуваат одделно за да одлучат како да ги пребројат тие гласови.
Има 538 изборни гласови – по еден за секој конгресмен и сенатор плус три за Вашингтон. Ако ниту еден кандидат не добие 270, 435 членови на Претставничкиот дом одлучуваат за изборите, при што секоја држава добива глас за себе. Потребно е мнозинство од гласовите на државата за да се стане претседател. Претставничкиот дом има рок до 20-ти јануари напладне да го избере претседателот. Ако тоа не се случи, тогаш на оваа функција доаѓа потпретседателот или следната личност по хиерархија.
20 јануари
Денот на инаугурацијата.
Новиот претседател положува заклетва напладне. Ако избраниот претседател почине помеѓу денот на изборите и на инаугурацијата, избраниот потпретседател ја положува заклетвата и станува претседател.
На евентуални спорни избори, ако Претставничкиот дом не избере претседател, Сенатот избира потпретседател, а новоизбраниот потпретседател станува вршител на должноста претседател додека Претставникиот дом не направи избор. Ако нема избран претседател и нема избран потпретседател, Претставничкиот дом назначува претседател додека не се избере еден.