Претседателот на Комисијата за правни работи на ВМРО-ДПМНЕ потсетува на спорот што го добија Македонци во Бугарија пред Судот во Стразбур, нагласувајќи дека почитувањето на малцинските права е демократски меѓународен стандард
Бугарија ја има промашено темата со ветото за Македонија, зашто воопшто не е во корелација со содржината на критериумите на ЕУ, вели Тони Менкиноски, претседател на Комисијата за правни работи на ВМРО-ДПМНЕ, но и правен застапник на „Македонскиот клуб за Етничка толеранција во Бугарија“ во интервју за „Нова Македонија“.
„Македонците во Бугарија извојуваа голема победа пред судот во Стразбург“,
вели Менкиновски.
Според него, барањето за гаранции на бугарската министерка Захариева е несериозно и покажува основно непознавање на меѓународното право, меѓународната практика, па и меѓународната политика.
„Признавањето на правата на малцинствата не го бара Македонија, туку во случајот со Бугарија тоа го бара Советот на Европа. Почитувањето на малцинските права е демократски меѓународен стандард, кој треба да биде вграден во внатрешното уредување на секоја земја што се изјаснува за демократска, особено ако е и членка на ЕУ“,
вели Менкиноски.
Тој посочува дека Европскиот суд за човекови права во Стрзбург на 28 мај годинава ја осуди Бугарија, носејќи пресуда со која утврди дека е повредено првото на здружување на Македонците во Бугарија, по член 11 од Европската конвенција за човекови права.
„Случајот се однесуваше на прашањето дали е потребно во едно демократско општество бугарските судови да одбијат да регистрираат здружение кое се залага за идејата дека постои угнетено македонско малцинство во Бугарија и се обидува да ги заштити правата на малцинството, со образложение дека здружението било насочено против единството на бугарската нација и дека нејзините цели биле политички и дека имаат цели повеќе на политичка партија отколку на редовно здружение. Од Македонија се бараат гаранции за нешто што не го поседува. Правата на малцинствата се надвор од мандатот на Захариева и мандатот на македонските политичари“,
вели адвокатот Менкиноски.
Тој нагласува дека историско-идентитетските прашања воопшто не се дел од критериумите за членство во Унијата. Вообичаената аргументација за некакво блокирање на преговорите се темели на непочитување на владеење на правото, зголемена корупција, криминал…, но, оценува, никако не е разбирливо оспорување нечиј национален идентитет и права на малцинствата да биде аргумент за блокирање на евроинтеграциите на некоја земја-кандидат.