Во знак на одбележувањето на 75-годишнината од победата над фашизмот, како и во знак на пријателството со Руската Федерација, градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ и рускиот амбасадор во земјава, Сергеј Баздникин, засадија садници во новиот Парка на сеќавањето.
Тие со засадување на десетина садници од видот јавор го најавија хортикултурното уредување на паркот и идејното решение за реконструкција на детското игралиште зад Универзалната сала.
Во мај годинава, Општина Центар со поддршка од руската амбасада постави ново спомен-обележје, лоцирано на реконструираната улицата „9 Мај“ во Центар, во чест на милионите војници кои пожртвувано ги дадоа своите животи во војната, за повторно враќање на светскиот мир, слободата и демократијата.

„Благодарност до рускиот амбасадор н.е. Сергеј Баздникин и до Руската Федерација за поддршката на активностите на Општина Центар и преку овој симболичен чин сакаме да пратиме пријателска порака која ќе остане во сеќавање на граѓаните и идните генерации“,
изјави градоначалникот Саша Богдановиќ.
Овие активности се потврда за успешниот пријателски и партнерски однос кои двете држави го негуваат за унапредување и продолжување на досегашната соработка и развој на односите меѓу двете земји, во сите области од заемен интерес и зближување меѓу народите на двете држави.