Кризната состојба на јужната и на северната граница на државава е продолжена до 30 јуни в година. Станува збор за деветто продолжување на Одлуката за постоење кризна состојба поради зголемен обем на влез и транзитирање мигранти низ територијата на земјава, која беше донесена во август 2015 година.

Постоењето кризна состојба овозможува ангажман и на Армијата во граничната зона.
Иако на терен состојбата се чини мирна по затворањето на т.н. балканска рута, сепак, и статистиката на МВР и случаите за кои дознава јавноста за откривање групи мигранти на територијата на земјава покажуваат дека продолжува транзитирањето од Грција преку Северна Македонија во Србија, а потоа и кон Западна Европа.

Последниот пример е од вчера, кога на граничниот премин „Богородица“ бил лишен од слобода 22-годишен Индиец со иницијали М.С., со италијанска лична карта, затоа што во возилото „фиат пунто“ што го управувал, а било со италијански национални ознаки, се обидел да прошверцува мигрант. МВР соопшти дека при контрола во возилото бил откриен Р.С. (22) од Индија, кој бил сокриен во багажникот.

Во септември „360 степени“ објави теренска сторија за состојбата со мигрантите во земјава под наслов: Балканската мигрантска рута е сѐ само не затворена, особено за криумчарите.