Иако излегувањето на помалиот коалициски партнер Панос Каменос од владата на Алексис Ципрас остава впечаток за комплицирање на политичката ситуација во Атина, се чини дека грчкиот премиер го има потребното мнозинство за да продолжи да владее, но и да ги ратификува Договорот од Преспа и пристапниот протокол за НАТО за Република Северна Македонија. Пред гласањето доверба во грчкиот парламент кој брои вкупно 300 члена, што ќе се случи в среда навечер, Ципрас може да смета на 145-темина свои пратеници, на незaвисната пратеничка и заменик-министерка во неговата влада Катерина Папакоста, на 4-ца од вкупно 7-темина пратеници на Независни Грци кои Каменос веќе почна да ги исклучува од партијата, како и на по еден пратеник од Потами и од Центристичката Унија, што се вкупно 152 од неопходните 151 глас за да ја добие довербата од парламентот.
Политичките аналитичари во Грција сметаат дека мнозинството за ратификување на Договорот од Преспа ќе биде уште поголемо од она што ќе и изгласа доверба на владата на Ципрас. Марилена Копа, професорка по политички науки на Пантеон универзитетот во Атина, не очекува проблеми ни во едното ни во другото гласање. Копа, која од 2007-та до 2014-та беше европратеничка од редовите на ПАСОК, беше и дел од поширокиот тим во владата на Јоргос Папандреу, задолжен да ја креира позицијата на Грција во преговорите со името. Од тоа време датираат медиумски написи за средби на Марилена Копа со Мартин Протогер, човек од доверба на догашниот премиер Никола Груевски токму за прашањето за името. Со Копа, по видео-врска, разговара Владимир Мирчески.
Г-ѓо Копа, иако Панос Каменос ја напушта владата, се чини дека премиерот Ципрас го има потребното мнозинство за изгласување доверба на владата во грчкиот парламент. Што мислите вие за актуелната ситуација во Грција?
– Да, тоа е точно. Изгледа дека некои пратеници од „Независни Грција“ – партијата што ја напушти владата и некои независни пратеници ќе гласаат „за“ доверба на владата. Не мислам дека ќе има проблем за да се продолжи со ратификација на Договорот од Преспа.
Но, дали овие последни настани го доведуваат во прашање ратификувањето на Договорот од Преспа во грчкиот парламент?
– Не, не мислам и еве зошто. Партијата „Потами“ ќе гласа за недоверба на владата, но оваа партија веќе кажа дека кога на дневен ред ќе дојде Договорот од Преспа мнозинството од незјините пратеници ќе гласаат „за“ ратификацијата. Сметам дека ратификацијата ќе има повеќе гласови „за“ отколку гласањето за доверба на владата. Оттука, не мислам дека процесот е загрозен и се надевам дека се ќе помине во најдобар ред во грчкиот парламент.
Едно дополнување – кога може да очекуваме Договорот од Преспа да влезе во процедура во грчкиот парламент?
– Гласањето доверба ќе се случи в среда и верувам дека најдоцна наредната седмица договорот ќе влезе во грчкиот парламент и откако ќе биде ратификуван ќе стартува процедурата околу пристпаниот протокол за НАТО.
Ако дојде до промена на власта во Грција, што се чини многу можно, дали владата на Нова Демократија би правела проблеми во ЕУ при пристапните преговори со Република Северна Македонија?
– Нова демократија воопшто не беше конструктивна во текот на процесот на преговори и финишот на Преспанскиот договор. Но, партијата јавно кажа дека нема да го доведува во прашање во договорот ако тој биде ратификуван и дека ќе ја прифати оваа меѓународна спогодба. Но, никогаш не се знае зашто процесот на пристапување кон ЕУ ќе трае долго и ќе има притисоци. Она од што навистина се плашам не е од Грција, туку од други држави кои немаат ништо против вашата држава, но не се многу среќни со продолжување на процесот на проширување. Затроа, сметам дека треба да продолжиме со напорите за продолжување на проширувањето кон Западен Балкан. Тоа е битка која мора да ја водиме и да продолжиме да покажуваме дека проширувањето и пристапувањето на овој регион на ЕУ е неопходно за стабилноста и за мирот во целата Унија.
Како би ја сумирале политичката ситуација во Грција откако македонскиот парламентот заврши со уставните измени?
– Збунета! Не е лесна ситуација зашто, според Договорот од Преспа, нови линии беа создадени и гледаме дека постојат разни фракции во партиите застапени во грчкиот парламент. Но, се надеваме дека владата е решена да продолжи за што и има доволна поддршка. Секако, има реакции за кои сите знаеме и во вашата земја и во Грција, но мислам дека ќе надвладее она што е и ваш и наш национален интерес, како и интерес на регионот. За првпат по многу, многу години сум оптимист за билатералните односи, како и за иднината на Западен Балкан.
Во минатото, во последната влада на ПАСОК, вие, на еден или на друг начин, бевте вклучени во процесот за името. Зошто тогаш немаше успех иако имаше бројни средби меѓу Папандеру и Груевски?
– Затоа што Груевски никогаш не веруваше во можноста за решение и она што тој и неговите претставници се обидуваа да направат беше да добијат време, никогаш немавме искрен соговорник за разговор и за да продолжиме со процесот. Тоа навистина е штета зашто во тој период имаше интерес и вистинска решеност кај владата на Папандреу да се продолжи кон решение. За жал, загубивме многу време кое можеше да биде многу продуктивно. Владата на Груевски никогаш не веруваше, никогаш не сакаше вистинско решение. Затоа, овој пробив е вреден и значаен за регионот, важен е за нашата земја и исто така, важен е за ЕУ.
Напишете коментар