Сто седумдесет и девет вработени и 21 дете во градинките биле позитивни на коронавирус од нивното повторно отворање, покажува извештајот на Министерството за труд и социјална политика, кој е испратен до Комисијата за заразни болести.
Според ова, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска смета дека состојбата во градинките укажува дека тие можат сѐ уште да останат отворени. За евентуално затворање ќе одлучува Комисијата за заразни болести ако дојде до влошување на епидемиолошката состојба.
„Здравствените власти сметаат дека преносливоста на вирусот меѓу децата е многу ниска и затоа бројката на позитивни деца е многу мала. Во земјава во градинка одат 9 630 деца. Тоа значи дека нивните родители можат да одат на работа. Дополнително, трансмисијата на вирусот доаѓа однадвор затоа што децата кои се позитивни имаат позитивни членови на семејствата. Ние будно ќе го следиме процесот и согласно состојбите ќе носиме одлуки“,
изјави денеска Шахпаска одговарајќи на новинарско прашање.
Таа најави дека следната седмица ќе има состаноци со директорите на градинки од целата држава за да разговараат како тие ги менаџираат процесите и како министерство да ги чујат нивните мислења.
