Министерката за правда, Рената Дескоска, реагираше на ставот на нејзината колешка од Правниот факултет, професорката Гордана Силјановска-Давкова, за можноста активно воено лице од Армијата да се пресели во министерската фотелја во МВР.
На својот Фејсбук-профил, Дескоска на саркастичен начин го искоментира одговорот на Силјановска-Давкова, која воедно е и советник на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, дека „воено лице не може да раководи со МВР, но дека предлогот на Мицкоски не е преседан“.

Уставот нормира дека униформирано лице не може биде цивилен шеф на министерствата за внатрешни работи или за одбрана.
„Со органите на државната управа во областа на одбраната и полицијата раководат цивилни лица кои непосредно пред изборот на тие функции биле цивили најмалку три години“,
пишува во член 97 од Уставот.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера го предложил армискиот полковник, Драган Ковачки, за министер за внатрешни работи во техничката влада што треба да се гласа на 3 јануари.