Прашањето кое сега се поставува и меѓу политичките елити и во аналитичарските кругови во регионот е што за Балканот ќе значи враќањето на Џо Бајден во Белата куќа. Одговорите можеби треба да се бараат во минатото
Ангажманот на Џо Бајден на Балканот, попрецизно во поранешна Југославија, датира уште од времето на Тито, преку воените 90-ти години и инсистирањето на западна поддршка за босанските власти, па сѐ до неговата прва од вкупно две балкански турнеи во кои ги посети и Србија и Косово.

„Како студент, учејќи ја балканската историја, а се сомневам дека сум прочитал колку и кој било овде, барем го дадов најдоброто што можам, двапати бев на Балканот, зборував со сите со кои можев да зборувам. Единствено кога завршиле последните две балкански војни кога било сите страни заклучиле дека на терен не можат да постигнат повеќе од она што можат да го постигнат на мировните преговори“,
кажа Бајден како сенатор во 1995 година.
Подоцна, како потпретседател додека претседател беше Барак Обама нему му припадна одговорноста да се занимава со овој дел од светот.
„Јас и претседателот заедно потврдивме дека, за да ги унапредиме односите, мора да најдеме начин за напредок за неколку прашања за кои не се согласуваме.“

Оваа изјава на Бајден е дадена во Белград во 2009 година.
Ја имав можноста да го следам Џо Бајден, како штотуку избран американски потпретседател, кога во пролетта 2009 допатува во историска посета на Белград, со што сѐ уште е највисокиот американски претставник што бил во оваа земја по бомбардирањето на НАТО. По 2009, истото го повтори и во 2016 – беше и во Белград и во Приштина, но тогаш на крајот од неговиот потпретседателски мандат, во обид да го поттурне дијалогот меѓу двете страни, но без некој посериозен резултат.
ГЕНЕРАЛНА ПОЛИТИКА КОН БАЛКАНОТ
Значи, во Белата куќа доаѓа претседател кој, како можеби никој од неговите претходници, го знае и е поврзан со Балканот. Но, дали како претседател Бајден ќе биде проактивен кон Балканот како што беше во времето кога ја извршуваше потпретседателската или сенаторската функција.

„Кога станува збор за Западен Балкан, администрацијата на Трамп немаше јасна стратегија, имаше ангажман само преку специјалниот пратеник за Србија и Косово, Ричард Гренел, а неговите активности повеќе беа ‘надуен балон’ со малку видливи резултати. На дел од поситните резултати може да продолжи идната администрација, но голем дел од работата е да му се дозволи на Стејт департментот да си ја врши работата. Не очекувам дека администрацијата на Бајден ќе го означи Западен Балкан како приоритет, зашто има многу ‘пожари за гасење’, многу проблеми и дома, како и со главните партнери. Не мислам дека САД ќе бидат силно инволвирани во Западен Балкан, барем не во првичниот период, освен ако не мораат, но затоа силно ќе ја поддржуваат ЕУ, како што не правеа за време на Трамп и повторно ќе им ја вратат моќта на дипломатите во Стејт департментот за да бидат активни“,
вели Флоријан Бибер, експерт на BiEPAG.

ОТВОРЕНИ ПРАШАЊА НА БАЛКАНОТ
За Вашингтон главни отворени прашања во регионот, откако е надминат македонско-грчкиот спор, остануваат иднината на дејтонска Босна и односите Србија-Косово. Трамповата администрација покажа одреден интерес за подобрување на релациите меѓу Белград и Приштина со изненадувачки брзо подготвениот и потпишан Вашингтонски договор. Но, проценките на познавачи на ситуацијата во Србија се дека овој договор е далеку од тоа да биде финален документ со кој ќе се нормализираат односите меѓу двете земји.

„Очекувам дека одредени аспекти од овој договор ќе се најдат на листата на приоритети на САД, кога станува збор за нејзините односи со Белград и Приштина, како на пример, отворањето на канцеларијата на Развојно-финансиската корпорација во Белград. Сигурен сум дека САД нема да отстапат од тие важни инфраструктурни проекти, тоа, секако, се шанси и за нивните компании. САД, исто така, ќе бараат почитување на оној дел од договорот што се однесува на замрзнување на кампањата за повлекување на признавањата на Косово на што се обврза Србија. Сигурен сум дека и Косово ќе биде под одреден притисок да го спроведе тој мораториум од 1 година и да не бара ново зачленување во меѓународни организации“,
вели Срѓан Мајсторовиќ, експерт на BiEPAG.

Очекувањата во Приштина од администрацијата на Џо Бајден се поголеми – албанската заедница, традиционално наклонета кон САД и особено кон Демократската партија, уште пред неколку години именуваше една делница на пат во Косово како Бо Бајден, во спомен на починатиот син на новиот американски претседател, кој една година обучувал косовски судии и обвинители.
„Да не забораваме дека прашањето за конечниот договор Косово-Србија е пренесено во Брисел. Секако, Америка му дава приоритет на Брисел, но ние сакаме да веруваме дека господинот Бајден секогаш ќе биде заинтересиран за тоа што ќе се прави во Брисел и во случај да има нешто што се нуди и што е нешто помалку од целосна државност за Косово, тој ќе се спротивстави. Ние сме убедени во тоа со тоа што ја знаеме неговата историја. Сега дали тој лично ќе се занимава со овие работи или ќе има специјален емисар за дијалогот, како што имаше г. Трамп, г. Гренел, рано е да се каже, но дека Бајден има исклучително различна чувствителност кон Косово од г. Трамп е повеќе од очигледно“,
вели Газменд Сила, уредник во ТВ Клан-Косово.

НОВО-СТАРА ПОСТАВА ВО СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ
Ако најавите се дека под Бајден Белата куќа ќе биде капетанот, а Стејт департментот ќе се врати на кормиларската позиција во американската надворешна политика, тогаш може да се очекува новиот претседател, за разлика од Трамп, да не прави експерименти кога станува збор за позицијата државен секретар. Сузан Рајс, Ентони Блинкен, Вилијам Барнс, кои се споменуваат како најсериозни играчи, се проверени дипломати со децении искуство. Следствено, извесно е дека луѓе како Филип Рикер, Метју Палмер, Брајан Хојт Ји, дипломати со извонредно познавање на Балканот и Северна Македонија, ќе останат или можеби ќе напредуваат на повисоки позиции во Стејт департментот.

„За нас е многу важно што во Белата куќа, прво во Стејт департментот ќе се пополнат катовите кои сега се празни, има маса испразнети канцеларии поради начинот на кој Трамп ја водеше својата надворешна политика. Второ, поради интересот на самиот Бајден за овој регион, секако, кој и да дојде на местото на Мајк Помпео, редовно во неговата агенда за разгледување ќе биде Балканот. Ако се случи, како што има најави, таму да дојдат луѓе кои и одблиску ги знаат балканските работи, тоа ќе придонесе за еден поинаков однос, па понекогаш и кон микроменаџирање на проблемите бидејќи, на целиот Балкан, ако навреме не се вклучите во решавање на проблемите, потоа станува предоцна и бара други ресурси и целиот проблем станува поскап за решавање“,
смета политичкиот аналитичар Сашо Ордановски.

Тоа Џо Бајден одлично го знае зашто токму тој во 2011 година директно се вклучи во гасење на политичкиот пожар во земјава што тукушто се разгоруваше. Пред 9 години Бајден се сретна со тогашниот премиер Никола Груевски во Белата куќа и му пренесе серија пораки, особено во делот на владеењето на правото, меѓуетничките односи, слободата на говорот, медиумите, како и за прашањето за името. Следуваше уште поголемо назадување на демократијата во земјава. На почетокот на 2016, по ангажман на многу платени лобисти, Груевски повторно доби средба со Бајден. Тогашниот премиер сметаше дека со состанок во Белата куќа ќе може да издејствува промена на американскиот пристап кон состојбите во земјава, но тоа не се случи. Напротив, од тогашниот потпретседател Бајден слушна дека САД очекуваат од него да се придржува до договореното во Пржино.

Во периодот што следуваше американската дипломатија и онаа под Обама и онаа под Трамп потрошија многу време и вложија многу напори за демократско стабилизирање на Македонија, нејзино враќање на евроатлантскиот курс и конечно зачленување во НАТО. Но, работата не е завршена, особено ако Бугарија стави вето за почеток на преговори со ЕУ. Во такво сценарио, по влегувањето на Бајден во Белата куќа на 20 јануари, една од работите што треба да се очекуваат е засилен американски ангажман за да се надминат недоразбирањата на релација Скопје-Софија за Македонија долгорочно да се стабилизира и да го продолжи трансформирањето во целосно функционална демократија преку преговорите за членство во Европската Унија.