Од вчера попладне до утрово во болницата во велес починале три лица како последица на ковид-19, соопшти денеска портпаролката д-р Весна Неделковска-Николова.
Двајца мажи, еден на 89 години од Велес и еден од Свети Николе на 68 години починале вчера, додека утрово во болницата починал маж од Велес на 51-годишна возраст. Тој е 45-та жртва на ковид-19 во Велес и Велешко од почетокот на епидемијата во земјава.
Во велешката Општа болница во моментов има 79 пациенти, од кои 67 потврдени, седум сомнителни и пет негативни на вирусот. На кислородна поддршка се 34 пациенти, што е најмногу досега.
Инфективното и Интерното одделение – Б-крак се целосно пополнети, а на Одделението за физикална медицина, каде што има 25 кревети, хоспитализирани се 10 пациенти.
Според праксата последниве неколку недели, статистиката за состојбата со ковид во земјава во 24 часа Министерството за здравство ја објавува навечер.
