Од следната година буџетскиот дефицит ќе се намалува, за до 2025 година да се сведе на 2,1 проценти или под Мастришкиот критериум, посочи министерот за финансии Фатмир Бесими на дебатата на МТВ за Буџетот 2021.
„Предвидена е консолидација на буџетскиот дефицит, но приоритет е да се реализираат политиките на владата за заштита на здравјето на граѓаните и на заштита на економијата. Имаме неколку цели кои се ургентни – едната е здравјето на граѓаните, понатаму економијата да се одржи и третото е сите други процеси кои се важни вклучително на евроинтеграциските процеси и водење на правото, потоа инвестирањето во човечки ресурси кои ќе бидат двигатели на долгорочниот раст“,
рече Бесими.
Во однос на намалувањето и реструктуирањето на расходите, Бесими посочи дека ќе се спроведе преку кратење на неприоритетните трошоци, поголема поддршка на приватниот сектор, иновациите и зајакнувањето на конкурентноста, како Гарантниот фонд и фондот за мобилизација на приватен капитал, рационализација и ревидирање на трансферите и субвенциите.
Од аспект на подобрувањето на наплатата на приходите во буџетот Бесими ги посочи мерките за намалување на сивата економија, за спречување и сузбивање на корупцијата, зајакнати инспекциски контроли од страна на УЈП, мерки за наплата на даночниот долг од страна на поединци и трговски друштва и стратегија за даночна политика која ќе ја зголеми ефикасноста и ефективноста на даночниот систем.
Славески: Ако Владата се води по досегашната стратегија не може да очекуваме ништо ново
Во дебата на МТВ, професорот Трајко Славески и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, рече дека секоја брза фискална консолидација може негативно да се одрази на економијата.
„Мислам дека е добро да се планира фискална консолидација затоа што тргнуваме од еден многу висок буџетски дефицит, ако се реализира ова што се предвидува за оваа година, за 2020 година над 8%. Секоја брза фискална консолидација може негативно да се одрази на економијата затоа што е фискална контракција“,
рече Славевски.
Славевски посочи дека Владата мора да ги помага оние сектори во економијата кои ќе придонесат за излез од кризата.
„Добро е што се предвидува најоптимистичкото сценарио, она заживување во форма на латинската буквата V, имате пад и после се до 2025 година ние имаме високи стапки на раст од 4.1 раст идната година или над 5% до 2025 година.Тие стапки се преоптимистички, не се остварливи неможат да се остварат доколку се потпираме на стратегијата, ново нешто не слушнавме, односно на форсирање на личната потрошувачка. Тоа ќе биде илузија“,
додаде Славески.