Опозицијата обвини дека се кријат бројките на заболени наставници и дека во дел од училиштата наставата не функционира
ВМРО-ДПМНЕ бара зимскиот распуст за учениците да почне од 15 декември и да трае до 21 јануари, за да се избегне пикот на пандемијата.
На денешната прес-конференција во партиското седиште, Весна Јаневска рече дека состојбата во училиштата е загрижувачка, а поради нови случаи на ковид-19 цели паралелки одат во изолација.
„Во оваа држава, никој за хаосот не чувствува никаква одговорност, а наставниците очајно бараат заштита и за себе и за своите ученици. Поради сѐ ова и поради она што не се очекува, односно стивнување на епидемијата во скоро време, предлагаме, зимскиот распуст да започне од 15 декември 2020, а да заврши на 21.01.2021, ден понеделник. Така, учениците и наставниците би го избегнале пикот на епидемијата, кој нема веќе реден број, а министерката ќе има време и да го слушне гласот на наставниот кадар, родителите и учениците и да конечно да преземе нешто“,
рече Јаневска.
Таа посочи дека околу 10 000 ученици во земјава немаат услови за онлајн настава. Иако треба учениците да се оценат до 20-ти, Јаневска вели дека никој не знаат како ќе се спроведе оценувањето.
„Како очекувате наставниците да ги оценат децата до 20.11 кога истите тие деца немаат можност да следат настава, а и тие што ја следат, имаат настава со низок квалитет, некаде еднаков на нула, а некаде и воопшто немаат настава“,
рече Јаневска.
Јаневска посочи и неколку примери за училишта во кои како што рече, не функционира наставата и обвини дека се кријат случаи на ковид-19.
„Вешто се кријат причините за отсуствата, дали наставниците се во самоизолација или се позитивни, родителите не знаат, ниту пак нивните колеги. Оправдувањето е дека нема насоки од МОН. Повеќе основни училишта во општина Аеродром не функционираат и наставниците и учениците се во самоизолација заради позитивни наставнички, но никој не знае да им каже ниту на родителите, ниту на децата до кога и зошто, кога „ протоколите перфектно се спроведуваат„? Дополнително, решенија за самоизолација скоро и да не се издаваат. Се кријат бројки на заболени наставници и директори ,а позадината на тоа на сите ни е позната, образовниот процес по секоја цена мора да е успешен.И уште многу вакви случаи во скоро секое второ училиште, во секоја општина во државата“,
рече таа.
Јаневска се осврна и на училиштата во Штип и праша како власта планира да организира избори кога бројот на новозаболени и починати од вирусот расте.