Не само обвинители, туку и јавнообвинителски службеници, повеќе години ја тужат државата затоа што не им ги исплаќа додатоците што се предвидени во Законот за платите на јавните обвинители, пишува Призма
За приближно еден милион денари обвинители преку извршители му ја блокираа сметката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, објави порталот Призма.
Откако шефицата на Обвинителството, Вилма Русковска, во гостувањето на „360 степени“ соопшти дека сметката им е блокирана, во изјава за БИРН таа објаснува дека тоа се должи на наплати за добиени тужби на обвинителите на кои не им биле исплаќани додатоците на плата.
Блокадата на сметката, како што изјавила Русковска, била од пред неколку недели, а очекува да се надмине проблемот со новиот буџет за 2021 година.
Призма посочува дека не само обвинители, туку и јавнообвинителски службеници, повеќе години ја тужат државата затоа што не им ги исплаќа додатоците што се предвидени во Законот за платите на јавните обвинители, односно во Законот за јавнообвинителска служба.
Пресметките на БИРН преку базата на податоци на системот Отворени финансии покажаа дека само во февруари и во март годинава, две извршителки од сметката на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, наплатиле приближно 50 илјади евра. Само во еден ден, на 27 февруари, една извршителка од сметката на ова обвинителство наплатила над 8.600 евра.
Состојбата не е поразлична и со државното обвинителство и од другите обвинителства, од каде што, исто така, обвинителите и службениците, преку извршители си ги наплаќаат ненаплатените додатоци на плата за кои ја тужат државата.
Повеќе прочитајте на Призма.