Глобалните предизвици да бидат во срцето на трансатлантската соработка, очекува шефот на дипломатијата на ЕУ
Нова ера меѓу односите на ЕУ и САД, најави високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел во неговото денешно обраќање пред Европскиот парламент, пренесе МИА.
За време на дебатата за резултатите од претседателските избори во САД, Борел му честиташе на Џо Бајден на победата, а на американскиот народ за најголемата излезност во историјата и свеста за важноста на овие избори.
„Не е тајна дека имавме компликувани односи во последните четири години. Се радувам на враќање на искрен дијалог и на имплементација на заеднички стратегии и ресурси за нивно спроведување“,
рече Борел.
Тој ја поздрави најавената посветеност на идниот претседател на САД за враќање на единството и демократските принципи и соработка со сојузниците врз основа на партнерство.
Шефот на дипломатијата на ЕУ изрази очекување дека глобалните предизвици ќе бидат во срцето на трансатлантската соработка, посочувајќи ја соработката во ООН, борбата против ковид-19, заедничката работа во рамки на Светската трговска организација, зајакнувањето на работата на Светската здравствена организација и борбата против климатските промени како приоритети, како и заеднички пристап кон прашањата кои се однесуваат на Кина, Иран и европското соседство.
„ЕУ и САД беа и ќе останат клучни стратешки партнери во клучни моменти како што се овие сега“,
додаде Борел.
Тој вели дека ЕУ е подготвена наскоро да започне соработка со новата администрација во Вашингтон, веднаш по инаугурациите во јануари.