Потребата од остварување целосна независност, понисокото ниво на домашните уставни судии во однос на положбата на уставните судови во други земји, како и понискиот статус од судиите во редовното судство… се дел од причините со кои Уставниот суд ги правда интервенциите во Деловникот, кои предвидуваат и додатоци за судиите, во висина од 35 проценти од нивните плати
Уставниот суд се јави денеска со појаснување за изгласаните додатоци на плата за судиите во висина од 35 проценти од платата, преку интервенции во Деловникот на Судот.
Според објаснувањето, последното дополнување на Деловникот е еден од чекорите во насока на остварување на целосна самостојност и независност на Уставниот суд.
„За да се оствари оваа самостојност и независност, потребно е постоење буџетска и административна самостојност на Судот, како и статус на уставните судии кој е соодветен на нивната одговорност за заштита на уставноста и законитоста. Во рамките на Судот беше направена анализа по однос на сите овие прашања, на начин што беа консултирани меѓународни документи и извештаи, а особено на Венецијанската комисиј. Потоа, беше направена споредбено-правна анализа по однос тоа како овие прашања се уредени во регионот и одредени држави од Европската Унија, но беше направена анализа и на домашната регулатива. Заклучоците од оваа анализа беа недвосмислени. Имено, Уставниот суд во однос на овие прашања, не само што е далеку под нивото на уставните судови на другите држави, туку е далеку под статусот од некои домашни органи основани со закон“
објаснуваат уставните судии.
Во информацијата од Уставниот суд се наведува и дека статусот на уставните судии е многу понизок од она што на пример е предвидено за судиите од редовното судство.
„И овде не станува збор само за тн.. материјални права, туку и за правата од нематеријален карактер за судиите предвидени со Законот за судовите. За овие прашања, беа одржани неколку работни состаноци на судиите и беше заземен став за започнување низа активности со цел овие состојби да се надминат и беа доставени соодветни предлози до извршната власт во форма на нацрт-предлог Закон за Уставниот суд, а паралелно беа изготвени и сеопфатни измени и дополнувања на постојниот Деловник, исто така во насока на остварување на функционалната, буџетската и административната самостојност на Судот. Покрај тоа, истите беа покренати и беше разговарано за нив при средбите на претседателот на Судот со амбасадорите на Европската Унија, на повеќе европски држави и на САД кои беа остварени во минатиот период, каде едногласно беше заклучено дека за постоење на владеење на правото и заштита на слободите и правата, предуслов е обезбедување на горенаведените услови. Од друга страна, мора да се констатира дека во јавноста отсуствува било каква дебата по однос на тоа како да се оствари уставната улога на Судот во смисла на претходно кажаното, туку напротив, преовладуваат паушални и неаргументирани напади како кон самиот орган, туку и лично кон судиите. Потоа, јавно се диктира кога и како Судот да одлучува, се прејудицираат одлуки преку аргументи кои најчесто немаат врска со правото итн“,
наведуваат од Судот.
Уставните судии имаат плати од над 90 илјади денари, според анализа на „360 степени“ од април годинава, ( кога беше „соборена“ одлуката на Владата избраните и именувани функционери два месеци да земаат минималец – заради справување со економските последици од ковид – кризата). Според тоа, додатоците на плати што си ги изгласаа нема да бидат под 500 евра месечно.