Нов ден, ново важно судење во скопскиот кривичен суд.
Внатре, во зградата, се решава судбината на еден од најважните настани во современата македонска историја – упадот во Собранието на 27 април.
Но, во новата и во старата зграда на судот се решава и ќе се решава за судбината и на стотици други – притворени, обвинети, осудени или жртви.
Брзината и квалитетот на правдата што ги добиваат граѓаните во голема мера зависи од брзината и квалитетот на судиите. Но, нивната работа и работата на другите странки во постапките, е под влијание на техничките и материјалните услови со кои располага судот.
Oдговорот се насетува веднаш по влезот во старата зграда на скопска единица. Дури и информативната двојазична табла во судот низ кој се огледа правдата во Македонија, е донација. Во случајот од ОБСЕ.
Најдобро опремената судница во судот е исто така донација. Таму е единствената кабина за превод, која патем е оштетена. Има инсталирано систем за снимање слика и тон, што е законска обврска во постапката, но камерите не работат. Се импровизира со други камери што беа набавени откако адвокати на обвинети од СЈО неколкупати одложуваа рочишта поради тоа што немаше услови за нивно снимање. Во лето, мирот во судницата го нарушува капењето од системот за климатизација. Водата што избегала од кофите, го прави опасен патот до говорницата. Зборовите на говорниците и сите други во постапката ги запишува дактилографот, а судијата го следи записникот на овие екрани.
Најблискиот тоалет, каде често се носат притвореници, камерата само делумно може да регистрира дека е препорачливо да се користи со маска. Кат подолу, во архивата, нема таква смрдеа, но нема ниту многу воздух покрај правливите полици. Хартијата можеби трпи се, но мораат и вработените.
Тие ќе се спасат со преселба во подобри услови во новата зграда која цела деценија ја градеше министерството за правда. Но, штотуку отворениот објект и самиот бара инвестиции поради некои решенија на планерите. На пример, не е јасно како двајца мажи може истовремено да ги искористат капацитетот на тоалетот со два писоарa? Или како да се избегнат повреди од детекторот за метал за кој е заборавено во близина да се стави штекер.
Претседателот на судот, Иван Џолев, вели дека има и други недостатоци – како потребата од судски полицаец на секој кат од безбедносни причини.
„Затоа што на исто место можат да се најдат спротивставени страни коишто учествувале нели во убиства, некакви насилства, закрвавени страни.“
Џолев вели дека, сепак, се снаоѓаат и судот успева да ја извршува основната функција. Патот за излез од проблемите, како што е недостигот на опрема во новите судници, не е тајна и води преку повеќе пари и соодветен персонал.
„Во судот недостасува секретар, управител, недостасува сметководител. Односно, есенцијално недостасуваат повеќе кадар, се со цел истиот поефикасно и поажурно функционира сега… Светот дефинитивно го вртат парите. И за одредени реформи и успешно работење, не само во судството туку генерално и во економијата, доколку немате инвестиции, доколку немате пари, тешко идат реформите.“- вели Иван Џолев, претседател на Основниот суд Скопје 1 Скопје.
И во соседниот суд, скопска двојка, состојбата е далеку од задоволителна. За голем дел од архивата нема ниту простор ниту ормани, па предметите се чуваат во засолништето, гаражата и поранешните ќелии. Во гаражата се складира и опремата исфрлена од употреба. Претседателот на судот, Илир Сулејмани, објаснува дека и за да се отстранат старите компјутери и столчиња, мора да има одобрение од извршната власт, а потоа и јавен повик.
„И постапката за инвестиции е комплицирана, односно во секој случај треба да се примени законот за јавни набавки. Ние не можеме да направиме, бидејќи немаме човечи ресурси, да направиме повеќе од шест, седум или осум јавни набавки во една година“, вели Сулејмани.
Тие јавни набавки што имале капацитет да ги направат годинава, во двојка ги искористиле за адаптација на дел од холовите во архива, за реновирање на ходниците, на тоалетите и за замена на искршените прозорци. Со тие набавки, се рекордери меѓу останатите судови, особено споредено со помалите.
Тоа што сепак најмногу недостасува, според Сулејмани, е кадарот кој законски мора да го има а го нема.
„Јас немам толку човечки ресурси за да судијата има цело време еден стручен соработник, еден дактилограф, архивата да ми функционира како што треба, доставната служба. Значи ние кубуриме со доставна служба. Ние го покриваме целиот град Скопје… По однос на дактилографи, знаете како, еден дактилограф работи со двајца судии, тројца судии, бидејќи немаме толку вработувања. А нас, законот ни предвидува, односно ни дозволува судијата истовремено да има еден стручен соработник и еден дактилограф и тој само да се концертира на судењето, односно на рочиштата што ќе ги закаже“, вели Сулејмани.
Слични или уште поголеми недостатоци има во сите судови низ земјата. За нови вработувања потребна е согласност од министерството за финансии, а и парите за други намени, главно, зависат од тој владин ресор. Процедурата до нив е следна.
Секој суд во текот на годината пополнува буџетски циркулар што се доставува до Судскиот буџетски совет, кој пак во име на сите судови го преговара годишниот буџет за судската власт со министерот за финансии.
Законот за судскиот буџет вели дека буџетот за судската власт „се утврдува во износ од најмалку 0,8% од бруто домашниот производ“.
Со оглед на тоа дека македонскиот БДП е околу 10 милијарди евра, тоа значи дека Владата треба да одвои најмалку 80 милиони евра за судската власт. Но во буџетот за 2019 година, како и сите претходни години, предвидени се далеку помалку пари. Иако 33 милиони евра се нешто повеќе пари од лани за судската власт, тоа не е ниту половина од законски предвидениот минимум.
Претседателот на Судскиот буџетски совет и на Судскиот совет, Зоран Караџовски, вели дека кај судиите има разбирање дека 80 милиони евра се пари што државата не може да ги одвои. Но, вели дека нема и повратно разбирање од финансии дека се потребни барем 50 милиони евра и тоа за елементарно функционирање.
„ Трета година јас, како претседател на Судски совет, учествувам во тоа. Значи, различни власти во трите години, техничка влада, одговорот е секогаш ист – толку има средства… Согласно Законот за судски буџет, министерот за финансии треба да состави извештај и да го испрати до влада и до Судскиот буџетски совет – зошто не се прифатени барањата на судската власт. Досега ние таков извештај немаме добиено, што е проблем.“
Од тие пари што ќе ги добие судската власт следната година,
Најголемиот дел или 79% ќе одат на плати, 14% на стоки и услуги, а само 6% или два милиона евра на капитални расходи како опрема, објекти, возила. За сите 35 суда заедно и Академијата за судии и јавни обвинители.
„Предвидено е, на пример, со законот за парнична постапка тонско снимање. Доколку се доделат средства за инвестирање, ќе се опремат сите судници во сите судови во Република Македонија. По сите процесни закони има такви работи кои се инфраструктурни, во надградба на судовите. Во таа фаза за надградба на судовите не може да дојдеме затоа што во последната година и пол се занимаваме со прокиснување и со течење на вода од покривите на судовите, па тоа го решаваме.“ – вели претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски.
Зошто одобриле помалку пари и од законскиот минимум и од барањата на судовите?
Тоа се дел од прашањата што ги упативме до министерството за финансии. Одговор не добивме.
До министерството кое е надлежно за судските реформи – правда, упативме неколку прашања за тоа дали одобрените средства се доволни за реформи и подобрување во судството. Ни одговорија ем дека парите се доволни ем дека ќе требаат уште.
„Одобрените буџетски средства во овој момент се доволни согласно предвидените реформски цели. Секако, пожелно е процентуално зголемување на буџетот во иднина. Согласно потребите на Стратегијата за реформи во правосудството, буџетот ќе се зголемува.“ – ни одговорија меѓу другото од министерството за правда.
Сепак, врвот на апсурдот е што секоја година на судската власт и остануваат непотрошени половина до еден милион евра. Иако се 2 до 3 проценти од вкупниот буџет, се чинат доволни за извршната власт да ги користи како аргумент против значително зголемување на буџетот.
Првиот човек на Судскиот совет, се согласува дека има низок административен капацитет на судовите брзо да реагираат за распишување тендери или ад-хок изработка на проекти.
„ Во западноевропските држави постои тело кое се вика национална судска администрација, која што се грижи за се, освен за судењата во еден суд. И само треба на образложено барање на претседател на суд да се обрати до тоа тело, тие да го реализираат тој проект.“
Самокритичност има и кај претседателите на скопските основни судови.
„ Дефинитивно, треба некои работи да се сменат како по однос на поголема од страна на претседателите на судовите, меѓутоа и како да кажам, процедурите да се поедностават како можност за искористување на тие пари коишто се одвојуваат за судовите. “ – вели претседателот на скопска единица, Иван Џолев.
„ Претседателот на судот, кој на крајот на краиштата е прв меѓу еднаквите, а во друга ситуација он ја игра улогата на менаџер на судот… Колку тоа нели сите нас не доведе во ситуација, во позитива или негатива, треба да одлучат тие што ги носат законите, односно ги предлагаат законите.“ – додава првиот човек на Основен суд Скопје 2 Скопје, Илир Сулејмани.
Како и претходните, судската власт ќе ја протурка и следната година. Но, притисокот ќе расте. Од внатре, и од судиите и од судските службеници кои со години бараат или повисоки плати или повисоки надоместоци. Од надвор, и граѓаните и Брисел очекуваат не само заложби и ветувања, туку конкретни и видливи резултати.
Напишете коментар