Лидерот на ДУИ Али Ахмети смета дека ако неговата партија освои најмногу гласови од Албанците на изборите закажани за 12 април 2020 година, тогаш интегративците се тие кои тие кои треба да бидат дел од владината коалиција.

„Што се однесува до овој принцип, мислам дека на земјата и треба поголема почит меѓу субјектите и не треба да ја оптоваруваме ситуацијата со прашањата за кои порано се покажа дека биле нефункционални, како што беше во 2006 година кога волјата на албанското мнозинство беше игнорирана. Тогаш земјата секако влезе во криза и после 15 месеци повторно се организираа избори“.
изјави Али Ахмети
Прашан, дали ставот значи дека ДУИ повторно инсистира на пост-изборно коалицирање по принципот „победник со победник“, кој патем токму интегративците го нарушија со коалицирањето со СДСМ по изборите во 2016 година, Ахмети не даде дециден одговор. Тој се дообјасни дека инсистира само победникот во „албанскиот блок“ да биде дел од било која влада, без да се осврне дали тоа повлекува реципроцитет и во „македонскиот блок“.
Соочен пак со прашањето, зошто тие коалицираа со СДСМ по изборите во 2016-та кога ВМРО-ДПМНЕ имаше најмногу пратенички мандати, Ахмети објасни дека тогаш „ситуацијата беше вонредна“.
ДУИ час топло, час ладно кон ВМРО-ДПМНЕ
Враќањето на мала врата на принципот „победник со победник“ се чини и како омекнување на ДУИ кон потенцијална коалиција со ВМРО-ДПМНЕ, доколку таа партија успее да го победи својот главен ривал СДСМ. Пред само неколку дена, на четвртиот конгрес на ДУИ, токму Али Ахмети од говорницата ја „отпиша“ ВМРО-ДПМНЕ како партнер, имајќи го во предвид противењето на Мицковски на договорите со Грција и со Бугарија.

„Нам ни останува да бидеме силни и стабилни во насока на целосно почитување на Охридскиот договор, Преспанскиот договор како и Договорот за добрососедство… Секое настојување за ставање раце на овие три елементи ќе биде соочено со отпор и нас нема да не има за партнери бидејќи се доведува во прашање иднината на нашите граѓани и идните генерации“,
рече Ахмети на конгресот.
Прашан денеска, како би било возможно да коалицира со ВМРО-ДПМНЕ кога партијата отворено најавува ревидирање на овие договори, Ахмети не се осврна директно на прашањето, туку кажа дека враќањето на тие процеси е невозможно.
Лидерот на ДУИ ги искажа овие ставови по новогодишниот брифинг со уредници и новинари од најголемите медиуми во земјата, во седиштето на партијата во Мала Речица. Се осврна и на други прашања поврзани за изборите, пред се дека е скептичен за можно одложување на изборите.
„Треба да се свика состанок од Претседателот на државата за да ја оспориме усогласената дата. И сите нека ги искажат своите ставови, доколку се согласат или не се согласуваат за ова. Јас би се согласил целосно, Претседателот на земјата да свика состанок“,
рече Али Ахмети
Ахмети беше дециден дека е против промена на изборниот модел токму пред избори. Според него, за прашањето е потребен општ конзензус, за кој нема време да се постигне меѓу 20-тината политички партии во земјата.