Изборот на Џо Бајден за 46. претседател на САД ќе биде причина за славење во многу европски метрополи, но не сите европски лидери ќе отворат шампањ, пишува Политико.
Медиумот избира тројца „победници“ и тројца „губитници“ од лидерите на европските земји.
Победниците
Ангела Меркел
Задржувајќи го вообичаениот дипломатски стил, германската канцеларка јасно стави до знаење дека е подготвена да работи со секој уредно избран претседател на САД. Но, нема дилема дека Меркел не обожава стилот на Доналд Трамп и неговите националистички политики. Чувството е заемно: Трамп ги омаловажуваше Меркел и Германија во повеќе наврати за време на неговото претседателствување. Во една прилика Трамп рече дека Германија, меѓу другите земји сака да се ослободи од него. Меркел ќе претпочита претседателство на Бајден не само затоа што подобро ќе се согласува со него лично, туку затоа што Германија во голема мера зависи од силна и стабилна трансатлантска врска. И од економски и безбедносни причини. Таа ќе очекува да се зајакнат врските кои се „разнишаа“ за време на Трамп. Меркел планира да се повлече од функцијата канцелар следната година, а сите нејзини потенцијални наследници се преиспитуваат дали ќе бидат на ниво на задачата, што значи дека со стабилна трансатлантска врска ќе ѝ олесни на Меркел да ја напушти функцијата без многу грижи.
Мет Фредериксен
Данската премиерка, Мет Фредериксен има многу посебна причина да биде среќна на заминувањето на Трамп. Односите со американскиот претседател се разнишаа минатата година откако Данска ја отфрли идејата на Трамп да им го откупи Гренланд, која е полуавтономна територија на Арктикот под Кралството Данска. Коментарите на Фредериксен дека „Гренланд не се продава“ и дека дебатата околу идејата е „апсурдна“ го налутија Трамп. Тој ја обвини Данска дека не ги почитува САД и ја откажа неговата посета во Копенхаген што требаше да се случи минатата година. Фредериксен успеа да ги смири тензиите, но да имате претседател на САД кој не сака да купи дел од вашата територија, сигурно ќе го поедностави животот на секој премиер.
Емануел Макрон
Францускиот претседател се обиде да го шармира Трамп со поканата на воената парада за Денот на Бастилја како и со специјална вечера на врвот од Ајфеловата кула во 2017 година. Можеби, на Макрон ќе му одговараше вториот мандат на Трамп на некој начин, но дефинитивно со Бајден има повеќе шанси за неговите глобални амбиции. Макрон сега може да се надева на помош од САД за повторно заживување на Иранскиот договор, за зајакнување на меѓународните институции како Светската здравствена организација и Светската трговска организација. Ако Трамп добиеше уште четири години, овие работи ќе направеше прилично невозможни.

Губитниците
Борис Џонсон
Британскиот премиер несомнено губи со промените во Белата куќа, особено што Трамп беше промотор на Брегзит и ветуваше трговски договор со Британија. Но, Бајден за разлика од Трамп, смета дека заминувањето на Британија од ЕУ е погрешен чекор и неговата Демократска партија даде до знаење дека нема има трговски договор доколку Џонсон го прекрши Брегзит договорот за границата со Ирска.
Изборниот исход во САД, дури може да има и влијание врз спроведувањето на трговските преговорите меѓу Џонсон и ЕУ. Јасно е дека Џонсон не може веќе да се надева на „специјална“ врска со американскиот претседател. Наместо тоа, тој ќе мора да работи и да создаде доверба кај новото раководство.
„Кога Бајден ќе погледне кон Европа, тој ќе ги види Берлин и Париз како центри на гравитација за она што е навистина важно за САД во Европа. И од економски и од безбедносен аспект. Британија ќе делува како да е надвор од главните текови“, смета поранешниот британски дипломат, Питер Рикетс.
Виктор Орбан
Унгарскиот премиер изгради неверојатен однос со Трамп. Кога тој минатата година стана првиот унгарски премиер што ја посети Белата куќа од 2005 година, Трамп ги поздравуваше неговите политики. Трамп тогаш немаше што каже за обвинувањата од ЕУ кон Орбан за демократското заостанување на Унгарија. Трамп тогаш рече дека Орбан е контроверзен, но тоа е во ред. Овој однос меѓу Унгарија и САД веројатно ќе се промени по инаугурацијата на Бајден. Затоа, не е изненадување што унгарскиот премиер беше единствениот лидер од земјите на ЕУ кој го поддржа Трамп во 2016 година, а сега повторно изрази поддршка за негов реизбор. И покрај тоа што сè уште е рано да се каже каков однос ќе воспостави Бајден со унгарската влада, Орбан може да очекува повоздржан однос со новата американска администрација.
Јанез Јанша
Словенечкиот премиер уште во средата му честиташе нов претседателски мандат на Доналд Трамп, тврдејќи дека американскиот народ јасно го избра, иако резултатите беа далеку од тоа да се знае победникот. Се разбира, двајцата имаат посебна врска бидејќи родното место на првата дама на САД, Меланија Трамп е токму во Словенија. Филмскиот критичар и есеист Марсел Штефанчиќ Јуниор го опиша Јанша како „малку Доналд Трамп, малку Борис Џонсон и малку Виктор Орбан“.