…Не утврдиле дека фирмата не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна евалуација на понудите, не објавиле постапка за поништување, софтверот не бил тестиран пред користење, во изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка бил консултиран учесник во постапката…
И Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР го истражуваше хакерскиот напад кој во текот на изборната ноќ ѝ се случи на Државната изборна комисија (ДИК), при што падна веб-страницата и неколку дена не функционираше, а во јавноста постојано излегуваа информации со нелогични резултати
Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција отвори истрага против четири члена на Државната изборна комисија и еден управител и сопственик на правно лице за набавка на софтвер.
Тие се осомничени за кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, при вршење на јавни набавки, од чл. 353 ст. 5 во врска со ст. 1 од Кривичниот законик – не утврдиле дека фирмата не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна евалуација на понудите, не објавиле постапка за поништување, софтверот не бил тестиран пред користење…
„Од февруари до септември годинава, во Државната Изборна Комисија, осомничените како членови на Комисијата за јавни набавки и осомничениот управител и сопственик на правното лице, со неизвршување на своите службени должности при спроведување постапка за јавна набавка ги повредиле одредбите од Законот за јавни набавки со тоа што не утврдиле дека економскиот оператор не ги исполнува условите за учество во постапката, не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди во постапката за јавна набавка, ниту било објавено Известување за поништување на постапката за доделување на договор за јавна набавка во предвидениот законски рок. Исто така, не било извршено тестирање и финален тест на софтверот пред истиот да биде имплементиран и не бил извршен увид во спроведената постапка со преговарање, иако биле должни да го направат тоа пред да биде потпишан Договорот“,
се вели во објаснувањето од Обвинителството.
Исто така, Обвинителството утврдило дека во изготвувањето на техничката спецификација за јавната набавка бил консултиран учесник во постапката, што е спротивно од Законот за јавни набавки, со што за две правни лица била прибавена корист од 899 999 денари, како и од 349 500 денари, со тоа што учествувале во постапката за јавна набавка и склучиле договор.
За осомничените, Обвинителството бара од Судот да им одреди мерки на претпазливост: забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето; обврска на осомничените да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај државен орган; привремено одземање патна или друга исправа за преминување на државната граница, односно забрана за нејзино издавање и забрана за преземање определени работни активности кои се поврзани со кривичното дело.
Истрагата уште на крајот на јули ја најави шефицата на ова Обвинителство Вилма Русковска.
Таа тогаш кажа дека обвинители и истражители од Одделот за организиран криминал и корупција вршат претрес во Државната изборна комисија со цел да стасаат до документацијата за договорот меѓу ДИК и компјутерската фирма што ја изработи апликацијата за следење на резултатите на изборите.
И Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во МВР го истражуваше хакерскиот напад кој во текот на изборната ноќ ѝ се случи на Државната изборна комисија (ДИК), при што падна веб-страницата и неколку дена не функционираше, а во јавноста постојано излегуваа информации со нелогични резултати.
Договор потпишан непосредно пред изборите
Договор за софтверот што го користеше ДИК, непосредно пред изборите, бил склучен со фирмата „Дуна“. Тој е потпишан на две недели пред одржување на изборите, на 29 јуни 2020, а во описот на оваа јавна набавка пишува дека е за софтверски пакети и информатички системи и за ИТ-услуги: консултации, развивање софтвер, интернет и поддршка.

Вредноста на договорот без ДДВ е речиси 900 000 денари, која била и најниската добиена понуда, а највисоката била безмалку 4 милиони денари.


Повисоката понуда била дадена од „Ивоте“, а на веб-страницата на Државната комисија за жалби по јавни набавки може да се пронајде решение со кое жалба на оваа конкурентска фирма се отфрла како неоснована.

Во овој документ може да се види дека набавката е спроведена со преговарање без објавување оглас. ДИК на 19.6.2020 доставила покани за преговарање до двете фирми, а наредниот ден тие дале понуди. Критериум за избор бил најповолната понуда врз основа на цената и квалитетот, а „Дуна“ ја добила набавката и девет дена подоцна го склучила договорот.
Меѓутоа, претходно ДИК имала и друг оглас за јавна набавка, но тогаш со отворена постапка. И тогаш „Дуна“ го добила тендерот, но Државната комисија за јавни набавки ја усвоила тогашната жалба на „Ивоте“ и ја поништила одлуката за избор на најповолна понуда од 28.4.2020.

Во образложението се наведува дека тогаш жалбата била основата бидејќи, како што објаснил жалителот, понудата од „Дуна“ била дадена без електронски потпис и без изјава за сериозност.
„При спроведување на оваа постапка за јавна набавка, погрешно бил применет член 87 од ЗЈН, на штета на жалителот, од причини што и покрај тоа што економскиот оператор, понудувач ДУНА ДОО Скопје, требало да биде исклучен согласно член 88, 89, 90, 91 и 92 од ЗЈН, Комисијата за јавни набавки не го исклучила, туку ја евалуирала неговата понуда, иако нецелосна и донела одлука со која го избрала за најповолен понудувач. Жалителот го цитирал член 88 од ЗЈН како и точка 2.2.1, точка 2.2.2 и точка 2.2.5 од тендерската документација и наведува дека избраниот понудувач оваа изјава ја изготвил и ја доставил до ДИК во електронска форма word формат без електронски потпис од одговорното лице – управителот Александар Пејковски. Дополнително, не била потпишана ниту Изјавата за сериозност на понудата, не била потпишана ни Изјавата и Листата на технички персонал кој ќе го реализира договорот- предмет на набавка“,
пишува во образложението на решението од Државната комисија за јавни набавки.
„Дуна“: Нашата апликација функционира, веб-страницата на ДИК беше цел на напад
„360 степени“ уште тогаш во јули побара информации од „Дуна“ за тоа што се случило и која е нивната верзија за хаосот што настана со електронското објавување на резултатите. Иако ни беше побаран телефонски број дополнително да нѐ контактираат, до моментот на објавување на текстот не нè побараа. Во меѓувреме, „Дуна“ излезе со став што го пренесе државната агенција МИА во кој наведуваат дека апликацијата поврзана со изборниот процес функционира најнормално, а страницата на Државната изборна комисија била цел на хакерски напад.
„Апликацијата на ДУНА поврзана со изборниот процес на предвремените парламентарни избори функционира најнормално затоа што е врвно изработен продукт. Таа беспрекорно даваше резултати за излезеноста на секои пет минути. Но, страницата на Државната Изборна Комисија, каде беше поставена нашата апликација, беше цел на хакерски напад. Ние успешно ја завршивме работата. Доколку не постоеше оваа апликација, тогаш резултатите ќе се броеја рачно“,
вели Александар Пајковски од „Дуна“.
Пајковски во изјавата за МИА посочи дека апликацијата е подготвувана повеќе од половина година, со низа технички специфичности кои ги немало досега и била изработена по барање на ДИК.
„Нашата апликација е беспрекорна, но интернет страницата беше атакувана преку т.н. софтверски тероризам со сили од повеќе странски држави“,
посочува Пајковски.
Инаку, во пресрет на претседателските избори минатата година, пак, на Електронскиот систем за јавни набавки може да се види дека ваков договор со ДИК за „набавка на нови и надградба на постојните софтверски решенија во ДИК“, склучила фирмата „Ивоте“ во вредност од 4,2 милиони денари.

Од оваа компанија пред полноќ се оградија и известија дека на овие избори во ДИК не се користи системот за управување со изборни процеси „iVote Demokra“ и дека тие не се воопшто вклучени во процесот.
„’iVote Demokra’ е систем за управување со изборни процеси, кој се користеше во ДИК од неговото формирање како постојано тело од 2006 до изборите во 2019. Системот придонесе за унапредување на процесот, кој претходно траеше со денови и месеци, со точно, навремено, транспарентно и кредибилно јавно објавување веднаш на податоците за резултати и излезност. ‘iVote Demokra’ има беспрекорно досие на изработени проекти поврзани со избори со испроцесирани преку 142 милиони гласачи во целиот свет, со референци, покрај ДИК, во САД, Велика Британија, Еквадор, Киргистан, Албанија, Косово, Босна и Херцеговина“,
велат од Ивоте.
Два дена по изборите, и претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, во интервју за ТВ Алфа ги повика институциите да истражат како 11 изборни циклуси по ред тендерот за софтверско решение за прикажување на резултатите го добивала иста фирма и тоа преку т.н. договор во „четири очи“.
Притоа, Дерковски објасни како течела постапката годинава. Наспроти критиките, но и фактот дека договорот со „Дуна“ е потпишан две недели пред изборите, првиот човек на ДИК кажа дека постапката траела многу подолго.