Во месец октомври, во Македонија, од ковид-19 се заразиле вкупно 13 628 лица, покажува мини-анализата на „360 степени“ на податоците кои редовно ги објавува Министерството за здравство. Со тоа, последниот месец е убедливо најлошиот кога станува збор за ширењето на новиот коронавирус во земјава.
Споредено со претходниот месец, септември, во октомври имало речиси четирипати повеќе заразени. Не е многу различен соодносот и со другите месеци. Така, ако се соберат трите летни месеци, јуни, јули и август, пресметката вели дека во тој период имало 12 220 новорегистрирани случаи, што е помалку од 13 628 случаи во октомври.

Во октомври, 22,5% од тестовите биле позитивни
Октомври е значително полош од сите други месеци од почетокот на ковид-19 епидемијата и по редица други показатели. Еден од нив е процентот на позитивни тестови на ковид-19.
Во октомври биле направени рекорден број на тестирања, вкупно 60 620. За споредба, во претходните месеци, таа бројка се движеше од 40 до 45 илјади.

Она што загрижува е што во октомври драматично се зголеми процентот на позитивни тестови. Претходниот „рекорд“ беше месецот јуни, кога 13,3% од тестовите беа позитивни. Овој показател за состојбата со епидемијата имаше позитивен, опаѓачки тренд, се до крајот на август и потоа повторно почна да расте за минатиот месец да достигне нов неславен врв од 22,5% во октомври.

Уште позагрижувачки е што првите денови од ноември покажуваат и полоши резултати. Вчера, за првпат од стартот на епидемијата, над 40% од тестовите беа позитивни.
За колку драматичен раст станува збор најдобро може да се види од следниот графикон. На него се прикажани дневните податоци за процентот на позитивни од направени тестови. За само месец дена, просекот на позитивни тестови скокнал од околу 10-15% на редовен „резултат“ од 30% и повисоко.
