Во пресрет на состанокот на „Берлинскиот процес“ во Софија, закажан за 10 ноември, Европскиот фонд за Балканот, со Институтот за демократија од Скопје и Европскиот совет за надворешни односи од Софија, организира тинк-тенк и форум на граѓанското општество на кој во фокусот ќе биде Кина. Пред овој настан ќе бидат објавени op-ed текстови на оваа тема кои ќе ги пренесува и “360 степени”. Вториот тектст што го пренесуваме е на Игор Новаковиќ, експерт за регионот и за евроатлантските интеграции од Србија.
пишува: Игор Новаковиќ
Во изминатиот период, кинеската економска активност во Западен Балкан беше главно поврзана со инфраструктурни и енергетски проекти. Иако ваквата соработка е често критикувана од геополитичка и геостратешка гледна точка поради сѐ поголемата поларизација помеѓу САД и Кина, како и помеѓу ЕУ и Кина, но и поради конспиративните зделки и растечкиот потенцијал за експанзија на корупцијата, Западен Балкан е соочен со голем број конкретни предизвици кои произлегоа од соработката со Кина. Локалните елити вообичаено ги претставуваат енергетските и инфраструктурните проекти како „директни странски инвестиции од Кина“, додека всушност се работи за заеми кои често вклучуваат обврска за ангажирање кинески компании, користење кинеска технологија и материјали и, во некои случаи, дури и работна сила од Кина. Проектите вообичаено се темелат на меѓудржавни договори ратификувани од парламентите, што значи дека го заменуваат домашното законодавство.
Тоа е особено поврзано со заобиколување на даноците за увоз на градежни материјали, обврската за распишување јавни тендери, регулативите за јавни набавки, итн. Има случаи, како што е реконструкцијата на термоелектраната „Станари“ во босанскиот ентитет Република Српска, каде што локалната власт, со промена на одредени закони и прописи му ја даде под залог на кинескиот кредитор самата компанија, како и подружниците за експлоатација на јаглен и вода. Со други зборови, сите овие „инвестиции“ немаше да бидат можни без директни интервенции од водечките елити и заобиколување или промена на законските одредби.
Кинеските енергетски проекти вообичаено се фокусирани на ископ на јаглен и негово користење за производство на електрична енергија. Србија, Босна и Херцеговина и Косово претежно користат јаглен за производство на електрична енергија, а електраните за јаглен беа изградени во 1960-ите, 70-ите и 80-ите. Тие, во моментот се едни од најголемите загадувачи на воздухот во Европа. Таквата висока зависност од јагленот им остава две опции на државите: постепено да ги затворат електраните и да станат енергетски зависни или да инвестираат во реконструкција на постоечките, додека истовремено отпочнуваат долгорочни инвестиции во обновливи извори на енергија.
Но, извори на финансирање од ЕУ и Западот се општо речиси непостоечки за ваков тип на проекти поради нивната насоченост, во последните години, кон обновливи извори (последниот „необновлив“ проект кој требаше да биде финансиран од западни извори беше новата електрана на јаглен во Косово пред неколку години). Друг проблем е фактот што западната технологија е доста скапа во споредба со кинеската; меѓутоа, според експертите, постои значителна разлика и во квалитетот. На тој начин, земјите од Западен Балкан избираат да соработуваат со Кинезите бидејќи таа соработка е наводно најплодоносна.
Тие обезбедуваат свеж капитал и можат да ги имплементираат овие проекти без „политички“ услови, како што е спроведување на одредени реформи кои западните капитални извори, како ЕБРД, ги бараат.
Но, двата најголеми предизвици поврзани со кинеските проекти со јаглен се директните влијанија врз животната средина и еколошките прашања поврзани со процесот на интеграција во ЕУ. Нема гаранции дека електраните на јаглен ќе бидат еколошки поприфатливи во иднина или, со други зборови, дека новите или реновирани капацитети ќе бидат во согласност со еколошките стандарди, особено во однос на загадувањето на воздухот. Просто кажано, дури и да се инсталира технологија за прочистување на нуспроизводи (конкретно SO2), неизвесно е дали таа ќе функционира како што е планирано.
Процесот на ЕУ интеграција бара реформи кои се директно спротивни на производството на електрична енергија од јаглен, бидејќи тој се смета за еден од најголемите виновници за емисијата на СО2. Самата ЕУ прогласи дека ќе престане да го користи јагленот до 2050 година, а некои од земјите членки се очекува да ја достигнат оваа одредници дури и до 2030 година. Новите директиви на ЕУ (EED, RED, итн.), стандардите (LCP BREF итн.), Системот на трговија со емисии на ЕУ и новиот Зелен план (Green Deal) на ЕУ придонесуваат кон постапниот „пад на јагленот“ во земјите членки, но ќе влијаат и на државите кои аспирираат за членство. Имено, електричната енергија произведена во електраните на јаглен ќе подлежи на зголемени даноци, со што цената на произведената електрична енергија ќе се зголемува со годините. Дури и ако земјите од Западен Балкан по некоја игра на случајот не се приклучат кон ЕУ, тие не може да егзистираат во вакуум и ќе се соочат со предизвици доколку не ги почитуваат ЕУ стандардите.
Конечно, треба да се запрашаме зошто владите од Западен Балкан не се фокусираат на обновливи извори во нивните зделки со Кина? Кина е еден од најголемите производители на технологија за обновливи извори, особено на соларна енергија. Некој од земјите од регионот секако имаат соодветни услови за собирање и користење сончева светлина. Таквата ситуација би била добиток за сите (ако ги занемариме другите предизвици поврзани со проектите поддржани од Кина), но никој не покажува интерес.
Игор Новаковиќ е Директор за истражување на Центарот за меѓународни и безбедносни работи – ISAC фонд). Покрај тоа, тој е претставник во Србија на Советот за инклузивно владеење – CIG, меѓународна НВО лоцирана во САД. Полето на истражување на Г-дин Новаковиќ опфаќа прашања поврзани со Евроатланските интеграции, регионалната соработка и билатералната соработка на Србија со други земји, како и меѓуетнички дијалог во Југоисточна Европа. Тој е автор на голем број анализи и документи за јавни политики. Покрај тоа, Г-дин Новаковиќ има објавено неколку статии во домашни и меѓународни научни журнали, и има организирано голем број различни меѓународни конференции, тркалезни маси и работилници на различни теми поврзани со меѓународните односи, безбедносната соработка, меѓуетничкиот дијалог и интеграцијата на малцинствата. Тој е доктор по политички науки на Универзитетот во Белград, магистер по европски студии на Универзитетот во Нови Сад и магистер по источноевропски студии – меѓународни односи на Универзитетот во Болоња.