Во пресрет на состанокот на „Берлинскиот процес“ во Софија, закажан за 10 ноември, Европскиот фонд за Балканот, со Институтот за демократија од Скопје и Европскиот совет за надворешни односи од Софија, организира тинк-тенк и форум на граѓанското општество на кој во фокусот ќе биде Кина. Пред овој настан ќе бидат објавени op-ed текстови на оваа тема кои ќе ги пренесува и “360 степени”. Првиот е од д-р Анастас Вангели, експерт за Кина од Северна Македонија.
Пишува: Д-р Анастас Вангели
До пред неколку години Европејците веруваа дека проактивната вклученост на Кина, преку економска соработка и културен дијалог, може да придонесе за ширењето на европските вредности и конечно Кина да ја приближи повеќе до нив. Меѓутоа, со текот на времето, упорната жилавост на кинеската еднопартиска држава и нејзиниот модел на социоекономско владеење беше причина зошто многу Европејци се разочараа во моделот на вклученост: Кина, под будното око на Комунистичката партија, не се менува. Уште повеќе, излегувајќи од глобалната финансиска криза во 2008-09 година во релативно подобра позиција од Западот, Кина го искористи моментот за да заземе дури и поамбициозна и проактивна позиција на глобалната сцена – тенденција која се зајакна со доаѓањето на Си Џинпинг на чело на Комунистичката партија во 2012 година и лансирањето на програмата „Еден појас, еден пат“ во 2013 година.
Во контекст на односите меѓу ЕУ и Кина, настапувањето на една отпорна, амбициозна и проактивна Кина на глобалната сцена значеше промена во динамиката и промена на улогите. Со „Еден појас, еден пат“, Кина стана проактивната страна која поттикнува инвестиции во стратешката инфраструктура и технологијата, иницира нови дипломатски средби како што е 16/17+1 и го зајакнува својот стремеж кон т.н. мека моќ. Таа стана актер и во ЕУ и во блиското соседство.
Во една таква ситуација, на Европејците им требаше време да ја препознаат новата реалност и соодветно да ги адаптираат своите ставови. Меѓутоа, промените беа длабоки: во текот на изминатите неколку години, покрај тоа што беше третирана како партнер и конкурент истовремено, на Кина почна сѐ повеќе да се гледа како на системски ривал. Претходно игнорираната програма „Еден појас, еден пат“ сега стана фокус на вниманието – како средство за протнување на кинеската агенда во Европа (и пошироко), но и како потенцијална закана и за економските интереси на Европа и за европските норми и вредности.
Така, додека на почетокот многу Европејците беа восхитени од безгрешната реторика на Пекинг, ентузијазмот почна постепено да ѝ отстапува место на претпазливоста во однос на различни прашања: (отсуството на економски) реципроцитет и пазарни дисторзии; наводниот „подели и освој“ пристап на Кина; но и човековите права и она што Пекинг го сметаше за „суштински“ прашања како што се Џинјианг, Хонг Конг и Јужнокинеското море. Самитите меѓу ЕУ и Кина беа наградени со непријатност и тензија. Економските односи добија безбедносен карактер. Значително подраматичната промена во политиката на САД кон Кина во време на претседателот Доналд Трамп дополнително придонесе кон промената на расположението за Кина во Европа. А европските компании, кои традиционално беа дел од европскиот пејзаж кој ја поддржуваше соработката со Кина, исто така покажаа незадоволство од фактот што потфатите предводени од Кина им нудеа значително помалку можности од првично очекуваните.
Промената не беше само реторичка. Европејците презедоа важни чекори како одговор на потезите на Кина. Со подемот на кинеските инвестициски текови во Европа во 2015 година (до нивоа многу повисоки од оние на европските инвестиции во Кина, што ја направи нето инвеститор), ЕУ воведе механизми за проверка на инвестиции. Како одговор на кинеското посегнување кон технолошко лидерство, ЕУ почна да дебатира за проактивни индустриски политики и начини за поддршка на создавање европски индустриски шампиони. Европските влади го следеа примерот на САД во спречувањето кинески трговци да добиваат зделки во создавањето на европските 5Г-мрежи. И како одговор на кинескиот притисок за соработка во инфраструктурниот развој, ЕУ се обврза на евроазиска поврзаност преку лансирањето на Стратегијата за поврзаност на ЕУ и Азија, регрутирајќи ја и Јапонија како свој главен партнер.
Сите овие случувања доведоа до значителна промена во реалноста на односите меѓу ЕУ и Кина: преку претпазливост, ЕУ успешно го забави напредокот на Кина во Европа и соседството. Меѓутоа, во процесот, самата ЕУ претрпе драматични промени. Напуштајќи ја идеологијата на слободен пазар, таа прифати протекционистички мерки во однос на ограничувањето на економското присуство на Кина на континентот. И додека секогаш била заинтересирана за евроазиска поврзаност, ЕУ сега ја спои поврзаноста со стратешки интереси и разви повеќе традиционален развоен пристап, „насочувајќи“ ја својата надворешна политика по Патот на свилата.
Оваа последна поента исто така влијае и на тоа како ЕУ го менува својот пристап кон проширувањето – на пример, напорите за проширување на Балканот, и самиот Берлинскиот процес, сѐ повеќе се врамуваат како обиди за одбивање на кинеското влијание во регионот.
Пандемијата на ковид-19 ги зајакна тековните поместувања во дискурсот и политиките на Европа за Кина. Иако помалку антагонистички од американскиот пристап, Европејците го критикуваа брзото справување на Кина со пандемијата, а особено обидите на Пекинг да се позиционира во првите редови на глобалниот одговор. Среде пандемија, ЕУ ги зајакна своите критики кон Кина, додека патувањата на кинеските дипломати во Европа како да не го дадоа посакуваниот ефект (бидејќи Кина настојуваше 2020 да биде година на нејзините односи со Европа). За разлика од искуството со последиците од глобалната финансиска криза кога двете страни одблиску се координираа, сега нема разговори за начините на кои ЕУ и Кина би можеле да соработуваат во процесот на економско закрепнување по пандемијата. Всушност, поверојатно е интензивирано соперништво и ривалство, бидејќи Европа сѐ повеќе се приближува кон САД во однос на предизвикот кој го претставува Кина (и покрај фундаменталните разлики во Трансатлантскиот однос по сите други прашања).
Со сите овие случувања, станува очигледно дека со заземањето тврд став кон Кина, ЕУ веројатно веќе станува „геополитички“ актер, како што посакуваат многумина во Европа. На некој начин парадоксално, тоа исто така покажува дека во својот неуспех значително да ја промени Кина, ЕУ сега го менува сопствениот пристап и самата минува низ значителна трансформација во процесот. И на некој начин тоа исто така покажува дека досега ретко сме поставиле едно непријатно, но неопходно прашање: не како Европа ја промени Кина, туку како (подемот на) Кина ја промени Европа?
Д-р Анастас Вангели е научен соработник во Институтот за ЕУ и Азија ( ESSCA School of Management), и научен соработник и постар надворешен соработник на Проектот „Кина и Медитеранот“ при Торинскиот институт за светска политика.