Германската амбасадорка во земјава, Анке Холштајн денеска ја повтори позицијата на нејзината земја дека цел на германското претседателство со ЕУ е одржување на првата меѓувладина конференција со Северна Македонија до крајот на годинава, што е во интерес на сите вклучени страни.
„Одржувањето на првата меѓувладина конференција меѓу ЕУ и Северна Македонија е наша цел како германско претседателство во рамки на процесот на проширувањето и ние цврсто се придржуваме кон таа цел. Ќе направиме се што можеме за да овозможиме тоа да се случи. Во близок контакт сме со сите инволвирани. Се уште постои малку време. Во интерес е на сите вклучени тоа да се случи. И ние сме оптимисти“,
изјави таа, на новинарско прашање, по работниот појадок во МНР организиран од македонско-бугарското копретседателство со Берлинскиот процес.
Амбасадорката Холштјн одби да ги коментра најавите од опозицијата дека доколку дојде на власт би ги поништила сите евентуални договори со Бугарија во однос на недоразбирањата.
„Не мислам дека е мудро да го коментирам ова. Како германско претседателство веруваме во вистинскиот европски дух на сите членки во ЕУ и веруваме дека отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија е во интерес на сите инволвирани вклучувајќи и ја Република Бугарија која отсекогаш била силен поддржувач за европеизација на целиот регион. Во интерес на Бугарија е да ја зачува оваа репутација како силен поддржувач на регионот и лично верувам дека тоа ќе се случи“,
вели Холштајн.
Во однос на забелешките од поранешниот евроамбасадор Ерван Фуере дека ЕУ не прави доволно за да им помогне на Македонија и Бугарија да изнајдат решение, германската амбасадорка рече дека ЕУ не треба да се меша во, како што вели, разликите помеѓу земја – членка и земја кандидат за членство, кои според неа се прашања кои се решаваат билатерално.