Министерството за култура денеска ги повика на итен состанок претставниците на Синдикатот за култура, на кој им е соопштено дека средствата што ги бараат како синдикат заедно со СОНК се одобрени, со што одредбите во однос на платите би се спровеле од 1 јули 2020 година.
Ова денеска на прес-конференција го соопшти Сања Арсовска, претседателка на овој синдикат, кој денеска организира штрајк во институциите од културата.
Арсовска рече дека оваа одлука ќе биде разгледана од нивното членство и од членовите на СОНК, по што до крајот на неделава ќе соопштат дали ја прифаќаат понудата од 1 јули да стапат во сила новите одредби за плати.

Претседателката на СКРМ уште еднаш посочи дека главен проблем е што секторот култура од 2005 година нема колективен договор поради што владее комплетен хаос со правата во културните институции. Нивелацијата на платите е завршена во јуни годинава, но дека сега треба да се изедначат сите меѓудејности, што повторно зависи од колективниот договор што го чекаат 15 години.
„Колективен договор ни ветија лани, но бидејќи не го исполнија за 2019-та, ние побаравме нивелација како преодно решение. Нивелацијата е завршена, она што не е завршено е нивелацијата меѓу дејностите, а за да се постигне треба да има колективен договор. Во културата има 326 работни места, нема таков сектор во државата со толкав голем број“, рече Арсовска на прес-конференцијата која ја започна со читање на членот 32 од Уставот кој гласи: „Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори“.

Денеска Синдикатот на работниците од културата одржува штрајк со кој според Арсовска над 7 000 љубители на културата и уметноста биле спречени да посетат културни настани: откажани се осум претстави, една изложба, шест кинопроекции, еден концерт, 10 проби во театри, во 13 музеи не се примаат посетители.
Потенцира дека досега не се соочиле со никакви притисоци.