ТВ мрежата Еј-би-си ги анализираше одговорите на претседателските кандидати на последното соочување
Актуелниот американски претседател Доналд Трамп во последната дебата што се одржа неделава пред изборите на 3 ноември дури 15 пати даде погрешни податоци. Неговиот соговорник и противкандидат на претседателските избори Џо Бајден тоа го направил во три случаи, покажа проверката на факти што ја спроведе ТВ мрежата Еј-би-си, анализирајќи ги одговорите на претседателските кандидати.

Најчеста тема на која говореа Трамп и Бајден е онаа која го окупира вниманието на целата светска јавност – пандемијата на ковид-19, по што следуваа прашања за даноците, односите со Кина и Русија, корупцијата…
Трамп на самиот почеток ја довел во заблуда јавноста кога ја споредил пандемијата со ковид-19 со тоа како администрацијата на Обама се справила со свинскиот грип.
„Искрено, Бајден беше дел од политиката кога се справувавме со свинскиот грип (Х1Н)1 и тоа беше тотална катастрофа. Далеку помалку смртоносна, но беше тотална катастрофа. Да имаше вакви бројки, 700.000 луѓе ќе беа мртви сега”,
рече Трамп во дебата.
Но, анализата на фактите на Еј-би-си говорат друго: Иако Трамп е во право кога вели дека вирусот Х1Н1 бил многу помалку смртоносен од ковид-19, погрешно е да се нарече одговорот на администрацијата на Обама „неуспех“. Центрите за контрола и превенција на болести проценуваат дека до 575 000 лица починале од свинскиот грип ширум светот. Од нив, помалку од 13 000 беа Американци, делумно поради „сложениот, повеќеслоен и долгорочен одговор на администрацијата на Обама“,напиша подоцна ЦДЦ. Досега, од ковид-19 починаа над 210 000 Американци, нешто повеќе од осум месеци откако беше откриен првиот случај на вирус во САД.
Трамп погрешил и кога говорел за стапката на смртност ковид -19.
„Стапката на смртност од ковид-19 во САД е намалена за 85% и е многу пониска од речиси која било друга земја“,
ќе каже Трамп.
Но, фактите кои ги провериле новинарите, покажуваат дека иако Трамп е во право дека стапката на смртност значително е опадната во споредба со пролетта, тоа намалување не е за 85%, туку за 62 проценти. Според експертите за јавно здравје, голем дел од тој пад може да се припише на поголемиот број тестирања, подобри протоколи за третман и на поголем број на помлади луѓе кои се заразуваат. Според извештајот објавен во „Журнал на американската медицинска асоцијација, во „САД има повеќе смртни случаи од ковид-19 од која било друга земја и има една од највисоките кумулативни стапки на смртност по глава на жител“.
Анализирајќи го бројот на смртни случаи на 100 000 луѓе кои се припишуваат на пандемијата, САД имале 60,3 смртни случаи на 100 000 луѓе. Според извештајот, тоа било повисок процент од Германија (11,3), Канада (24,6) и Франција (46,6), но пониззок од Белгија (86,8) и Велика Британија (62,6).

Трамп исто така во дебата рече дека Бајден го нарекол ксенофобичен и расист, ограничувањата за патување во Кина што тој ги водеде. Но, од расположливи јавни изјави, таков заклочок не може да се извлече дека токму тие изјави се однесуваат на конкретната одлука.
„Кога ја донесов одлуката, тој рече: ‘Ова е страшна работа, Вие сте ксенофобичен’, и мислам дека ме нарече расист, дури и затоа што тоа го направив и за Кина. Сега, тој рече дека таква одлука требало да се донесе порано“,
рече Трамп.
Но, наспроти тврдењата на Трамп дека Бајден се спротивставил на неговата одлука за забрана за поголемиот дел од патувањата од Кина на почетокот на пандемијата и дека ги нарекол ограничувањата „ксенофобични“, проверката на фактите покажува дека Бајден експлицитно никогаш не ја оценил таквата одлука што беше објавена на 31 јануари. Тој навистина го нарекол Трамп ксенофобичен неколку минути по објавувањето на делумната забрана за патување, но не и расист.
За време на кампања, истиот ден во Форт Медисон, Ајова, Бајден разговараше за зголемената загриженост од појавата на ковид-19 и предупреди дека Трамп треба да ја остави науката „да го предводи патот“.
„Во вакви моменти, овде е најпотребен кредибилитетот на претседателот, бидејќи тој објаснува што треба, а што не треба да правиме“,
рече Бајден на настанот.
„Ова е време на хистерична ксенофобија на Доналд Трамп … и стравопочит тој да го предводи патот наместо науката“.
Бидејќи коментарите стигнаа само неколку минути по објавата на забраната од Белата куќа, нејасно е дали Бајден се осврнал на одлуката конкретно.
Во текот на целиот март, Бајден го користеше зборот „ксенофобичен“ во разни говори и твитови за да го критикува Трамп, кој ковид-19 го нарекуваше „Кина вирус“.
Од друга страна, Бајден навистина призна дека ограничувањата за патувања може да го забават ширењето.
„Забраната на сите патувања од Европа или кој било друг дел од светот може да го забави, но како што видовме, тоа нема да го запре. И ограничувањата за патувања засновани на фаворизирање и политика наместо на проценка на ризик ќе бидат контрапродуктивни”,
рече Бајден.

Според анализата на Еј-би-си, Трамп лажно го обвинил Бајден и дека ги нарекува црните Американци „супер предатори“.
„Тој е на власт 47 години. Тој никогаш не направил нешто, освен во 1994 година, кога и направи такво зло на заедницата на Црнците , кои ги нарече ‘супер предатори’. И тој го рече тоа. И тие никогаш не биле повеќе понижени“,
рече Трамп во дебата.
Но, проверката на фактите покажува дека Хилари Клинтон е првата која ја употреби фразата „супер предатори“ во 1996 година, притоа изразувајќи ја својата поддршка за законот за борба со криминалот во 1994 година.
Но и Бајден и Трамп во минатото го користеа терминот „предатори“.
Во говорот во Сенатот во 1993 година, Бајден рече: „Имаме предатори на нашите улици што општеството ги создаде, делумно поради занемарувањето, создадени“додавајќи: “Тие се над белците и тоа е тажна слика за општеството. Немаме друг избор освен да ги отстраниме од општеството”.
Трамп, пак, во својата книга од 2000 година „Америка што ја заслужуваме“, неколку пати пишува за „предаторите“:
„Сторителот никогаш не е жртва. Тој не е ништо повеќе од предатор и не може да има изговори за убиство на повозрасни жени, тепање повозрасни мажи или убиство на млади. Ако јас бев одговорен, животот ќе беше уште потежок за овие предатори. Ако имаше ситуација во Њујорк како оној страшен трагичен настан во Тексас, не само што ќе ги убиев насилниците, туку ќе најдев начин да станат пример за другите “.
Бајден за маските и за Путин

На Бајден му се забележуваат неколку неточности во дебатата.
„Очекувањата се дека ќе имаме уште 200 000 починати Американци, од сега до крајот на годината. Но, ако советниците му рекоа на претседателот да ги носевме овие маски, можеше да спасиме 100 000 животи”,
рече Бајден во дебата, алудирајќи дека советниците на претседателот изјавувале дека маските не се некоја посебна заштита.
Но, проверката на фактите говори дека напротив, д-р Роберт Редфилд, сегашен шеф на ЦДЦ никогаш не дал изјава со која го намалил значањето на маските во заштитата. Според неговата канцеларија, тој изјавил дека пандемијата може да започне да се става под контрола за осум до 12 недели „ако сите луѓе што живеат во Америка носат маска за лице, би одржувале физичко растојание и би избегнувале гужви и би применувале добра хигиена на рацете“.
Бајден исто така, дал погрешно тврдење и кога рекол дека Трамп Путин не му кажал на рускиот претседател Владимир Путин да не се меша во изборите.
„Според моето сознание, мислам дека претседателот не му рече ништо на Путин за мешањето во изборите. Мислам дека тој не зборува многу со него. Не знам зошто тој не му рече ниту еден збор на Путин за тоа “,
рече Бајден во дебата.
Но, Трамп, под притисок на членовите на Конгресот и разузнавачките служби, на самиот на Г-20 минатата година му порача на рускиот претседател Владимир Путин да не се меша во изборите во 2020 година.
Иако предупредувањето од Трамп беше лежерно, наместо остро, кој мавтајќи со прстот кон Путин без да го погледне в очи, му порача: „Не се мешај во изборите, те молам, не се мешај“, сепак такво нешто се случило.
Трамп, исто така, на оваа тема разговарал со Путин и на неговиот прв состанок на самитот Г-20, за што сведочи изјавата на тогашниот државен секретар Рекс Тилерсон.
„Претседателот го отвори состанокот со тоа што ја изрази загриженоста на американските граѓани за руското мешање во изборите во 2016 година. Путин негираше такво учество, како што тоа го правеше во минатото”,
изјави тогаш Тилерсон.
Целосната анализа на Еј-би-си, за тоа со што претседателските кандидати се обиделе да ја доведат во заблуда јавноста за време на последната ТВ дебата, прочитајте тука.