Дали процесот за името е пред нова пречка – што значи изјавата на екс-министерот Никос Коѕијас дека нацрт-амандманот на членот 49 од Уставот, предложен од Владата на Заев, е кршење на Договорот од Преспа. Владимир Мирчески разговараше со Јанис Армаколас, професор на Универзитетот „Македонија“ во Солун и истражувач во познатиот грчки тинк-тенк „ЕЛИАМЕП“.
Г-дине Армаколас, каква е севкупната реакција во Грција за процесот на уставни измени во Македонија?
Би рекол дека е продолжување на трендовите што ги гледаме во изминатите месеци – владата на Сириза и медиумите блиски до неа сметаат дека нема голем проблем со предложените уставни измени. Опозициските партии, пак, како и медиумите што гравитираат околу нив сметаат дека предложените измени ги задржуваат иредентистичките тврдења и проблеми, или дека овие елементи пак ги враќаат во процесот.
Како ја разбирате и колку внимание привлече изјавата на поранешниот министер за надворешни работи Коѕијас дека нацрт-амандманот на членот 49, предложен од владата на Заев, е во спротивност со Договорот од Преспа зашто содржи одредница за македонскиот народ?
Сметам дека ова е проблем што континуирано се провлекува. На него внимание свртеа и други учесници – дека има недоразбирање и различно толкување на терминот Македонец. Ова беше и една од главните критики на главната опозициска партија, Нова демократија. Во однос на поранешниот министер, сметам дека тој се уште го поддржува Договорот од Преспа и јасно кажа дека ќе гласа „за“ неговата ратификација, но сметам дека се обидува да покаже дека сега, откако не е дел од МНР, може да следи свој пат и да има различни мислења од владата. Не мислам дека тоа е проблем за ратификацијата на договорот, но покажува дека тој е подготвен да има поавтономна улога во парламентот.
Зборувајќи за различно толкување – и грчкиот претседател Павлопулос реагираше на нацрт-амандманите велејќи дека Скопје треба да даде пишани гаранции дека Грција не признава македонска држава, туку само државјанство. Не ли мислите дека проблемот е во сосема различното значење и разбирање на термините држава, народ, етничка припадност, државјанство?
Како што споменав претходно, најверојатно ова е една од најважните точки во договорот што доби контроверзност во Грција. Има знак на прашалник дали наведеното во Договорот се однесува на државјанството, или на националност во смисла на идентитет. Овие две опции се збунувачки на грчки јазик и многу критичари на договорот, вклучувајќи ја и опозицијата, велат дека треба јасно да се наведе дека ова се однесува на државјанството, а не на идентитетот (припадноста кон одредена нација). Други критичари велат дека ако се однесува на државјанството како правен, а не идентитетски термин, тогаш тоа би требало да го одразува името на државата, односно да биде северномакедонско државјанство, отколку македонско. Ова е една од суштините на договорот и да ве потсетам дека кога договорот беше потпишан, тоа беше една од главните забелешки на Нова демократија и на други – некои велеа дека ова не е вистински „ерга омнес“, зашто ако беше „ерга омнес“ тогаш реферирањето кон Северна Македонија ќе значеше и Северномакедонци за државјанството и јазикот. Значи, ова прашање се навраќа, како што гледате, што е еден од главните проблеми и очекувам дека ако не се реши меѓу двете страни ќе продолжи да биде тема во периодот на имплементацијата на договорот. Не мислам дека ова прашање толку лесно ќе се надмине.
Грчката влада неколкупати кажа дека го има потребното мнозинство во парламентот за ратификација на Договорот од Преспа и покрај позицијата на Независни Грци на Панос Каменос. Дали Ципрас навистина го има потребното мнозинство?
Очигледно, ова е прашање на интерпретација и информациите што можеби некој ги има. Моето разбирање, откако зборував со некои политичари овде во Грција, е дека во моментот Сириза и Ципрас ги имаат потребните пратенички гласови, но потенцирам „во моментов“. Се уште е ноември, очекуваме договорот да дојде за ратификација за 3 или 2 и пол месеци и навистина не знаеме што ќе се случи во наредниот период. Треба да се земе во предвид дека главните политички цели и борби во Грција не се водат само околу Договорот од Преспа, туку и за економијата, мерките на штедење, промената на уставот… Значи, станува збор за поголема слика на натпревар меѓу владата и опозицијата при што Договорот од Преспа игра важна улога и е важен дел од вкупната слика на борба меѓу власта и опозицијата.
Од оваа перспектива, дали е јасно зошто Ципрас воопшто влезе во процесот на решавање на името и дали политички нешто заработи од тоа?
Па…. Дефинитивниот одговор на ова прашање во иднина ќе го дадат историчарите. Колку што јас разбирам и ја проценувам информацијата што ја имам како политолог, а не историчар во иднината, Ципрас и Сириза влегоа во овој договор прво за да го подобрат имиџот пред меѓународната заедница, второ – за да создадт пукнатини во Нова демократија и трето – затоа што мислеа дека од целиот процес не би платиле голема политичка цена и тоа, пред домашната јавност, уште повеќе би покажале дека се партија од левиот центар, отколку дека се најголема партија од левиот центар. Во однос на подобрувањето на имиџот во странство, тогаш во тоа беа успешни, мислам дека е јасно дека нашите партнери и сојузници се среќни со договорот и се среќни дека Сириза успеа да го испорача договорот и покрај противењето на опозицијата и грчката јавност. Сириза инсистираше на договорот, остана до крајот, ќе видиме дали е така до ратификацијата, изгледа дека се задоволни… Со тоа имиџот на Сириза во странство се подобри, а тоа на Сириза и требаше. За втората цел – создавање пукнатини и проблеми во Нова демократија, најверојатно не беше толку успешна зашто Нова демократија се дополнително се сврте кон десницата и остро се спротивстави на договорот на начин на кој владата не очекуваше. Ќе видиме дали во иднина Нова демократија ќе има проблеми со друга националистичка партија од десницата, но заега не изгледа дека плаќа изборна цена. За третата цел – демонстрирање ја клучната улога на Сириза во политичкиот систем, сметам дека тоа останува да се види во иднина, мислам дека Сириза нема да плати голема изборна цена поради Договорот од Преспа, но останува да се види дали ќе има некој политички ќар од целиот процес.
Напишете коментар