Како што се најавува, кадровските прашања во вториот ешалон би требало да бидат затворени за 10 до 15 дена, освен за позициите за кои треба да се распише конкурс
Пеце Мирчевски е реизбран за директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, на денашната владина седница, кога бил прифатен и предлогот на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, Сашо Тасевски да биде именуван повторно за директор на Бирото за јавна безбедност.

Премиерот Зоран Заев претходно изјави дека од денеска почнува назначувањето на директорите на институциите кои се под надлежност на Владата.
Заев откри дека за директор на Јавното претпријатие за државни патишта ќе биде назначен Ејуп Рустеми, кој досега беше директор на „Пошти“.
Висара Риза, пак, е разрешена од должноста в.д. директор на Агенцијата за лекови и медицински средства и на таа позиција е именуван Лирим Шабани.

– Дел од одлуките ќе бидат донесени денеска. Дел ќе бидат донесени одлуки за распишување на конкурс бидејќи има институции кои своите раководни места ги бираат на конкурс. Има и дел од одлуки со кои ќе се дадат јасни упатства на управни и надзорни одбори поставени од Владата за политичко постапување на раководни места, изјави Заев, одговарајќи на новинарски прашања по одржувањето на Меѓународната научна конференција „Македонскиот јазик – извор на научни истражувања“.
Верува дека овој процес ќе биде завршен за 10-15 дена, освен за оние места каде што раководните лица се избираат на конкурс.